Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера во Виена учествуваше на состанокот на неформалната група „Пријатели на Западен Балкан“, одржан на покана на австриската министерка за европска и меѓународна политика, Беате Мајнл-Рајзингер.
На состанокот учествуваа министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ кои се дел од групата „Пријатели на Западен Балкан“ – Австрија, Чешка, Грција, Италија, Словачка, Словенија и Хрватска – министрите за надворешни работи на земјите од регионот, како и високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.
Состанокот беше поделен во две тематски целини: работна сесија посветена на „Приоритетите во интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ“ и работна вечера на тема „Енергетика, безбедност и интеграција во ЕУ“.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакна силната заложба на Македонија за забрзување на пристапниот процес и продлабочување на политичкиот дијалог и практичната соработка со Европската унија во рамките на фазната интеграција. Тој нагласи дека процесот веќе носи конкретни резултати за граѓаните и економиите, преку спроведувањето на Планот за раст, забрзувањето на трговијата со „Зелените ленти“, приклучувањето кон SEPA и други иницијативи.
Министерот уште еднаш ја подвлече неопходноста од обезбедување предвидлива и кредибилна европска перспектива за Македонија и регионот, истакнувајќи ја цврстата посветеност на државата кон Европскиот пат преку спроведување на реформите, високата усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, континуираниот придонес кон европската безбедност и поддршката за Украина. Тој оцени дека овие резултати ја потврдуваат зрелоста на земјата како доверлив и предвидлив партнер на Унијата. Воедно укажа дека политичките блокади кои не се засноваат на европските критериуми го поткопуваат кредибилитетот на проширувањето и се спротивни на основите на европскиот проект.
Муцунски истакна дека е неопходно суштинско забрзување на процесот преку подобра синхронизација на пристапните преговори со фазната интеграција, поинтензивно вклучување на кандидатите во секторски политики на Унијата и намалување на административните бариери. Тој оцени дека комуникацијата со европската јавност мора значително да се подобри, особено во делот на информирањето за придобивките од проширувањето и неговата важност како инвестиција во заедничката безбедност, економскиот раст и долгорочната стабилност.
Во делот на енергетските теми, министерот ја нагласи важноста од заеднички пристап кон енергетската безбедност, диверзификација на изворите, пристап до обновливи енергии и подлабока интеграција на земјите од регионот во европскиот енергетски пазар, посочувајќи дека ова е клучно за економската конкурентност и стратешката отпорност на континентот.




