Две недели по пукањето во кое загина еден член на Националната гарда во близина на Белата куќа, преживеаниот член на гардата покажува знаци на закрепнување, изјави синоќа американскиот претседател Доналд Трамп.
Зборувајќи во Маунт Поконо во американската држава Пенсилванија, Трамп рече дека мајката на човекот се јавила да му каже дека нејзиниот син успеал да стане од кревет. „Тој не зборуваше“, додаде Трамп, истакнувајќи дека членот на гардата бил погоден во главата и сè уште не бил во можност да зборува.
Трамп, исто така, потврди дека осомничениот роден во Авганистан се соочува со смртна казна. 29-годишникот бил застрелан и совладан на местото на настанот. Според Трамп, лекарите се бореле да му го спасат животот за подоцна да може да се соочи со смртна казна.
Трамп претходно го опиша нападот како „акт на терор“.
Пукањето, кое се случи кон крајот на ноември, само неколку блока од Белата куќа, уби млада жена-членка на Националната гарда од Западна Вирџинија. Пред смртта на жената, главната обвинителка на САД, Пем Бонди, изјави дека таа ќе бара смртна казна доколку некој умре.
Американските медиуми објавија дека осомничениот влегол во земјата во 2021 година и добил азил дури во 2025 година за време на администрацијата на Трамп.
По нападот, американската администрација го заостри својот став кон имиграцијата, привремено суспендирајќи ги сите одлуки за азил. Стејт департментот, исто така, објави прекин на издавањето визи на носители на авганистански пасоши.




