Никој, без прашање, не треба да се меша во европската демократија, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во интервју за бриселскиот портал „Политико“.
– Кога станува збор за избори, не е наша работа да одлучиме кој ќе биде лидер на некоја земја, туку на народот на таа држава. Тоа е суверено право на гласачите и мора да се почитува, вели Фон дер Лајен во коментар на најновите критики на сметка на европските лидери упатени од страна на американскиот претседател Доналд Трамп и на наводите поврзани со ЕУ во Стратегијата за национална безбедност на САД, објавена минатата недела.
Трамп во вторникот, исто така во интервју за „Политико“, оцени дека Европа е „група на држави во распаѓање“, предводени од „слаби луѓе“. – Мислам дека се слаби. Мислам дека не знаат што да прават. Европа не знае што да прави, рече Трамп, говорејќи за лидерите на европските земји.
Во американската Стратегија, пак, се тврди дека Европа се соочува со „цивилизациско бришење“ во следните 20 години и се критикуваат обидите за ограничување на екстремно десничарските партии во Европа, како „политичка цензура“. Дополнително во документот се повикува на „создавање отпор на европските нации кон актуелната траекторија на Европа“.
Осврнувајќи се на ваквите наводи, Фон дер Лајен во интервјуто вели дека ова е една од причините зошто Европската комисија го предложи т.н. Европски штит на демократијата, инструмент кој има за цел да ја засили борбата против странското мешање, вклучително и во изборните процеси.
Говорејќи за нејзините односи со Трамп, Фон дер Лајен вели дека секогаш имала „многу добри работни односи“ со американските претседатели и дека „тоа е случај и денес“, но дека Европа сега треба да се фокусира на себе, наместо да се споредува со другите.
– Секако, нашиот однос со САД се промени. Зошто? Затоа што се менуваме. Тоа е толку важно, што мора да имаме предвид каква е нашата позиција? Која е нашата сила? Ајде да работиме на тоа. Ајде да се гордееме со тоа. Ајде да се залагаме за обединета Европа, нагласува Фон дер Лајен.
Таа вели дека „од дното на нејзиниот срце“, таа е убеден поддржувач на трансатлантско единство, но она што е поважно, според неа, е дека Европејците треба да се гордеат со Европската Унија, да се свртат кон нејзината сила и заеднички да се справуваат со предизвиците со кои се соочуваат.
– Тоа е нашата задача. Да се погледнеме себеси и да бидеме горди на себе, вели Фон дер Лајен во интервјуто.
Фото: Архива




