По повод празникот Рождество Христово, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов упати божиќна честитка до верниците од католичка вероисповед.

-И Словото стана тело и се всели меѓу нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот“ (Иван 1,14). Божјото Слово доаѓа меѓу нас во облик на човек, како дете родено од жена. „Дојде кај Своите, но Своите не Го примија. А на сите што Го примија – на сите што веруваа во Неговото име – им даде моќ да станат чеда Божји“ (Иван 1,11-12).

Синот Божји лежи во јасли, неразделно вистински Бог и вистински човек во единство на Неговата божествена Личност. Ова е нашата вера. Без оваа вера, Божик не би бил ништо повеќе од она што потрошувачкиот менталитет сака да ни го подметне, сезонски празник, како што некои сакаат да ни го наметнат својот израз на неверие.

Зошто Синот Божји доаѓа кај нас да живее меѓу нас како сиромашно и беспомошно дете? Тој доаѓа кај нас со празни раце, но ни се дава Себеси, највисокото и најважното нешто што можел да ни го даде. Во него е вклучено сè што ни треба. Бидејќи во него Бог живее во сета своја полнота. Кога го примаме, имаме сè што ни треба и го имаме во изобилство. Зашто тој е светлината што ја растерува темнината во светот. Тој е нашиот мир. Тој е вистината што нè ослободува. Тој е лебот на животот. Кој јаде од овој леб, кој во својот живот го прима Христос, вечното Слово на Отецот, тој прима живот. Тој самиот ќе каже за себе, кога ќе порасне и ќе го даде својот живот како откуп за мнозина, дека тој е воскресението и животот. Едноставно кажано, тој е повеќе од целата среќа на светот. Зашто тој е Љубов, која сама нè прави благословени и ни дава живот. Сè што копнееме ни е дадено во ова дете. На сите им посакувам среќен Божик и благословена Нова година! Христос се роди!, се наведува во честитката од Стојанов.

Фото: Скопска бискупија