По неколкуте денешни закажувања и одложувања, дефинитивно, собраниската седница на којашто требаше да почне последната трета фаза од уставните измени согласно Договорот од Преспа е презакажана за утре во 12 часот.
Првично седницата денеска требаше да се одржи во 13 часот, а потоа беше одложена за 15 часот, но не започна. Премиерот Зоран Заев денеска преговараше со партијата БЕСА на Биљал Касами и околу нивните барања, со фокус на начинот на кој ќе се дефинира државјанството, но засега нема информации за текот на преговорите.
Претходно денеска премиерот Заев рече дека Беса е принципиелно поставена за ова прашање, како што се и осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, и се „први кои се за заштита на македонскиот идентитет“.
– Суштината на Беса е преку формулацијата на македонско /граѓанин на РСМ да не се остави впечаток дека Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите и сите други во државата ќе бидат македонски. Тоа е суштината. Се изнаоѓаат техничките аспекти за решавање. Секако државјанството е македонско и така и ќе остане. За тоа нема дилема. Беса не бара да се смени идентитетот или слично, изјави Заев.
Паралелно со седницата пред Собранието втор ден се одржува граѓански протест во организација на неколку здруженија, а на граѓаните пред Собранието денеска попладне им се приклучи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој најави дека ќе им се обрати на присутните.
За да поминат уставните измени во трета фаза е потребно двотретинско мнозинство, а како што посочи и самиот Заев, како и портпаролот на СДСМ Костадин Костадиновски, дали такво мнозинство има ќе се знае на денот на гласањето. Притоа не посочија кога точно тоа ќе се случи.
Собранискиот спикер Талат Џафери ги демантира информациите кои се проширија во јавноста дека претставници од американската амбасада, по налог на американскиот амбасадор Џес Бејли држат тројца пратеници заклучени во Собранието.
– Ја информираме јавноста дека се работи за класична дезинформација, со цел да се нанесе штета на угледот на Собранието и на процесот на ЕУ и НАТО интеграциите на Република Македонија. Во Собранието на Република Македонија секој пратеник одлучува сам, според своето убедување и нема, ниту ќе има притисоци врз народните избраници и нивното движење е слободно. 75. седница на Собранието на Република Македонија се одвива според воспоставениот ред како и за секоја друга седница, се наведува во соопштенито од собраниската прес-служба.