Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска го посети Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“, каде што присуствуваше на академско кафе со студентите и професорите, како и на свечената промоција на дипломираните и магистрираните студенти.

Како што информираше Тошковски, средбата со студентите била можност за отворена и искрена размена на идеи, размислувања и визии за иднината на државата и за изградба на силни и функционални институции. Во разговорите биле опфатени реформите што ги спроведува Министерството за внатрешни работи, ефектите од системот „Безбеден град“, враќањето на средното полициско училиште, дигитализацијата на услугите, како и инвестициите во човечки и технички капацитети.

Министерот истакна дека дипломираните и магистрираните студенти од Факултетот за безбедност претставуваат клучен потенцијал за иднината на безбедносниот систем во земјава, нагласувајќи дека тие не се само академски кадар, туку идни чувари на безбедноста, редот и правдата.

Тошковски најави и конкретен чекор напред од страна на МВР, со кој ќе се овозможи најдобрите студенти од Факултетот за безбедност во иднина директно да се вклучат во институцијата и своето знаење да го стават во служба на безбедноста на граѓаните.

„Македонија има потреба од нивното знаење, енергија и посветеност. Со одговорност, знаење и европски вредности, заедно можеме да ја градиме државата каква што ја заслужуваме“, порача министерот за внатрешни работи.