Сметам дека оваа година беше тешка за граѓаните, но 2026-та ќе биде уште потешка, ќе има сериозна криза, ќе има сериозен пораст на сиромаштијата, изјави претседателот на СДСМ Венко Филипче на денешниот брифинг со новинарите. Според него, ќе следи година во која што ќе треба да се задолжиме најмалку дополнителни 2 милијарди евра и тие задолжувања, вели, ќе бидат за тековни трошоци, нема да бидат за капитални инвестиции.
-Вкупната сума предвидена за капитални инвестиции е намалена во буџетот за 2026., сега гледаме има проблем со собирањето, со реализацијата на приходите, десетина проценти ќе фалат. Тоа се 600 милиони евра во буџетот, ако кон тоа се надоврзе долгот кон стопанството, повратот на ДДВ, околу милијардера недостасуваат во буџетот. Тоа беше една од причините зашто веројатно го затвораат порано, тоа не се случило до сега, оцени Филипче.
Смета дека инфлацијата тешко ќе се контролира и оти со поскапување на струјата се ќе поскапе.
-Ако предвидувањето за раст на бруто домашниот производ е негде 3,7-3,8 отсто а знаеме дека нашата структура на БДП е таква да две третини е лична потрошувачка, граѓаните ќе трошат повеќе за исто или за помалку поради тоа што цените ќе бидат повисоки. Странските инвестиции немаат веќе раст, прашање е колку ќе заминат од земјава. Во наше време странските инвестиции беа околу милијарда евра 800, 900 милиони реализацијата на капиталните инвестиции беше близу 80-90 проценти, сега не се ни 50. Нема ништо што значи раст во тие две милијарди евра коишто треба да бидат ново задолжување што недостасуваат, нема капитални инвестиции нема капитални проекти, нема нешто што ќе го зголеми растот, што ќе зголеми продуктивност, рече Филипче.
Тој на средбата со новинарите се осврна на повеќе теми, при што кажа дека власта прави обиди за уривање на СДСМ одвнатре, нагласувајќи дека .во момент кога СДСМ, како што вели, ги открива криминалните зделки на власта, ВМРО-ДПМНЕ спроведува организирана акција со обиди за уривање на СДСМ одвнатре.
-Токму во овој период кога почнавме да ги откриваме сите коруптивни зделки на власта, кога почнавме да го разобличуваме предавството и нивниот лажен патриотизам, гледаме и сведоци сме дека не се бираат средства да се замолчиме, серија на обиди да се прикаже некакво уривање на СДСМ одвнатре, истакна Филипче.
Според него, станува збор за синхронизирана и временски координирана акција, која се активира токму сега, кога СДСМ отвора сериозни прашања за криминал и корупција во врвот на власта.
-Наши поранешни функционери, еден поранешен функционер, други двајца, претходно едниот којшто не се појавил во јавноста со години, некои луѓе коишто не се веќе во партијата, туку заминале во предавничката ЗНАМ, сега наеднаш во овој момент излегуваат и се активираат и се гласни на јавните мрежи, рече Филипче.

Порача дека во оваа борба за правда во државата никој нема да ги запре. -Ќе ја вратиме власта во рацете на народот. Решени сме во тоа. Има нова сила во СДСМ – комбинација на поранешни искусни луѓе и нови млади луѓе. Борбата е почната, крајот се гледа каде е. Секој еден којшто е замешан во корупција и криминал сакам да порачам дека ќе одговара, порача Филипче.
Тој исто така посочи, како што вели, на директната поврзаност на актуелната власт со СНС во соседна Србија. -Очигледна е соработката на оваа власт со српската власт на Александар Вучиќ и на СНС, односно лично со него. На граѓаните веќе им паѓа в очи како премиерот Мицкоски сака да го имитира претседателот Вучиќ, во движењата, во стоењето, во начинот на давање изјави и во концептите на политиката, рече Филипче.
Според него, моделот на владеење што се применува во Србија сѐ повеќе се пресликувал и кај нас. -Тоа што го прави Вучиќ во Србија, премиерот Мицкоски се обидува да го направи кај нас – еден човек да ја претставува целата политика и целата партија, а сите други да ги извршуваат неговите наредби, рече Филипче.
Тој потсети на случувањата во Србија по трагедијата во Нови Сад и на протестите кои следеа, укажувајќи дека таму дијалогот е речиси невозможен, а општеството длабоко поделено. -Во Србија тоа оди до ниво на судири, а земјата се соочува со економски колапс и целосна изолација од Европа. Истата опасна матрица денес се применува и во Македонија, смета Филипче.
Во тој контекст, тој нагласи дека ваквата политика води кон намерна изолација од ЕУ и служи како алиби за прикривање на криминалот и корупцијата и оти само се бараат изговори земјата да се држи изолирана од Европската Унија.
-Оваа влада очигледно поддржана од Претседателката на државата, што видовме и од нејзиното годишно обраќање, имаат некакви барања кон ЕУ кои што е очигледно дека не може да се исполнет од сите инстанции, од сите европски функционери. Од сите лидери на големи европски држави им е јасно дадено до знаење дека тоа што се бара е практично невозможно, рече Филипче.
На прашањето дали СДСМ ќе ги поддржи измените на новиот Кривичен закон, рече дека во моментов нивен правен тим ги анализира и оти имаат сериозни индиции дека има простор за амнестија на функционери. Сепак, додаде, и измените на КЗ донесени пред неколку години биле катастрофално лоши и не требало да се направат.
-Имаме сериозни индиции дека има простор функционери да се амнестираат со овој нов кривичен закон, официјални лица кои ги раководат функциите. Меѓутоа да заврши анализата и ќе ја презентираме во јавноста. Доколку се обидуваат да протнат такви измени во кои ќе се обезбеди амнестија за актуелни функционери силно ќе се спротивставиме. Во Парламентот ќе се бориме со амандмани, сите тие ќе бидат согласно препораките на Оценската мисија, но еве ќе имаме детална анализа и после тоа презентација пред јавноста, рече Филипче.
Во однос на Анкетната комисија за четирите трагедии, рече дека денеска ќе достават предлог-имиња кои ќе бидат дел од таа комисија. – Меѓутоа, ги слушаме изјавите од ВМРО-ДПМНЕ. Вчера еден од пратениците објаснуваше дека анкетна комисија не може и не треба да има додека трае истрагата. И тоа е очигледно партискиот став. Ние денес официјално ќе го затвориме тој процес во однос на аплицирање имиња за членови на комисијата. Ние друго не можеме да направиме ништо кога има толкаво мнозинство на страната на власта, рече Филипче. Според него, и формирањето на таа Анектна комисија било трик на власта.
Фото: СДСМ




