Демократската унија за интеграција (ДУИ) остро реагира на најновата пропаганда на ВРЕДИ, којa се обидува да прикаже лажна реалност преку манипулирани статистики и вештачки триумфализам, додека на терен се случува спротивното: исклучување на Албанците од државните институции, стои во соопштението на ДУИ што МИА го пренесува интегрално.
Народниот правобранител јасно потврдува дека порастот на застапеноста на Албанците се случувал до октомври 2024 година, односно додека беше во сила механизмот на балансерот. Секоја позитивна бројка во Извештајот за 2024 година е директен резултат на овој уставен механизам, изграден и заштитен од ДУИ, а не резултат на каква било политика или ангажман на ВРЕДИ.
Во меѓувреме, по укинувањето на балансерот, реалноста во институциите зборува поинаку.
Само пред една недела, седум Албанци со решенија за трајно вработување беа отпуштени без никаква законска причина, под директна одговорност на министерот Стоилковиќ, додека ВРЕДИ молчи. Уште поалармантно е што меѓу отпуштените има и воен инвалид, што претставува тешка законска, морална и национална неправда.
ВРЕДИ вети дека ќе ги „заштити албанските службеници“. Денес е јасно дека нема ниту глас, ниту храброст, ниту политичка волја да застане во нивна одбрана. Нивното молчење пред овие арбитрарни отпуштања претставува политичко соучесништво.

Политичката иронија го достигнува својот врв кога ВРЕДИ, заедно со ВМРО-ДПМНЕ, го напаѓаа балансерот, а денес неговите придобивки,Влен, ги прикажува како сопствен успех. Одлуката на Уставниот суд за укинување на балансерот во октомври 2024 година, која тие ја прогласуваат за „победа“, не е ништо друго освен директна реализација на предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, копирана збор по збор и во владината програма поднесена во Собранието во 2024 година.
Што се однесува до т.н. „Закон за правична застапеност“ на Каракамишева, ДУИ јасно истакнува дека овој закон, во својата сегашна форма, не само што не гарантира застапеност, туку целосно ја поткопува. Тој:
• не предвидува етнички квоти;
• не предвидува етничка идентификација на граѓаните;
• нема механизми за спроведување на уставната вредност на правична и соодветна застапеност;
• и не содржи никакви санкциски одредби, со што законот станува неспроведлив и само политички декор.
Да се зборува за „пораст на застапеноста“, додека Албанците се отпуштаат од работа без причина и без институционална заштита, е политичко лицемерие.
ДУИ не зборува со пропаганда, туку со факти. Ние не браниме статистики, туку конкретни луѓе, конкретни семејства и достоинството на Албанците во оваа држава.
Денес е јасно: Балансерот донесе застапеност. ВРЕДИ донесе исклучување.
Фото: архива




