Собранието денеска во рамки на 79. пленарна седница со 73 гласа „за“и еден „воздржан“ го донесе Законот за Судски совет.

Главната цел на законските измени е да ги отстранат досега утврдените слабости во постојната правна рамка и да обезбедат пофункционален, транспарентен и отчетен Судски совет.

Клучни новини кои се предвидени со законот се јавност во постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет, прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“ и воведување јавна расправа при избор на кандидатите за не-судски членови со цел поголема транспарентност и одговорност.

Воедно, предвидено е и зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членови на Советот од редот на судиите, јасно прецизирање на постапката за дисциплинска одговорност на судиите, но и на членовите на судскиот совет.

Значајна новина е и воспоставување обврска Судскиот совет да ги прецизира, индивидуализира и образложи одлуките за избор и утврдување одговорност на судиите, утврдување на рокови за преземање дејствија за дисциплинска одговорност на судиите, како и прецизирање на основите и постапката за жалба против одлуката на Судскиот совет и бројни други решенија за унапредување на целокупната правна рамка согласно препораките на Европската унија.

Фото: Принтскрин од видео