Годината што ја оставаме зад нас беше година на сериозна работа, внимателни одлуки и јасна цел – стабилизирање на јавните финансии и заштита на економската сигурност на државата и на граѓаните. Во 2026 година продолжуваме со одговорно управување со јавните финансии, поддршка на економскиот раст и создавање услови за нови инвестиции, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во своето новогодишно обраќање.
-На крајот од оваа година сакам искрено да ви се заблагодарам за трпението, довербата и одговорноста што сите заедно ја покажавме во период исполнет со предизвици. Со одговорно управување, дисциплинирана фискална политика и контрола на јавната потрошувачка, успеавме да ги стабилизираме јавните финансии. Го задржавме дефицитот под контрола, ја зачувавме ликвидноста на буџетот и ја зајакнавме довербата во финансискиот систем. Паралелно, инвестиравме одговорно – во здравството, образованието, инфраструктурата и капитални проекти што ја зајакнуваат економијата и го штитат животниот стандард на граѓаните, посочи Димитриеска-Кочоска во обраќањето.
Овие резултати, како што нагласи, не се случајни. Тие се плод на јасна визија, на тешки, но неопходни одлуки и на заедничка посветеност кон стабилноста и одржливоста.
-Годината што доаѓа ја пречекуваме со поголема сигурност. Следната година ќе биде поодржлива и поостабилна – со продолжување на фискалната консолидација, поддршка на економскиот раст и создавање услови за нови инвестиции. Нашата цел е стабилни јавни финансии што ќе бидат основа за подобар животен стандард и предвидлива иднина.
Верувам дека со одговорност, солидарност и заедничка работа, ќе продолжиме да градиме економија што е силна, отпорна и во служба на граѓаните, вети Димитриеска-Кочоска.
Денес, додаде, можам уверено да кажам Македонија влегува во новата година постабилна, поорганизирана и со значително посилни темели отколку на почетокот на оваа година.
-Финансискиот сектор останува ликвиден и стабилен, а довербата на меѓународните партнери ја потврдува исправноста на насоката по која се движиме. Во годината што доаѓа ќе продолжиме со иста решителност– со одговорно управување со јавните финансии, поддршка на економскиот раст и создавање услови за инвестиции и развој, истакна Димитриеска-Кочоска.
Во обраќањето на граѓаните, во овој период кој е време за благодарност, за надеж и за нови почетоци, им посака годината што доаѓа да им донесе здравје, мир, лични успеси и дом исполнет со радост.
-Јас ќе продолжам да работам посветено, одговорно и со целосна посветеност кон нашата држава – за стабилна Македонија, за сигурна иднина и за подобар живот за сите. Среќна Нова година. Нека 2026-та биде година на напредок и спокој за секој дом!, порача Димитриеска-Кочоска во своето новогодишно обраќање.




