Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост и остро реагира на објавените фотографии од Министерството за внатрешни работи, на кои се гледа извршување верски обред врз официјални полициски возила, се вели во соопштение од ДУИ, што МИА го пренесува интегрално.
Ова не е традиција. Ова е отворено кршење на принципот секуларна држава.
Верскиот обред не е извршен на приватен простор или во верски објект, туку во дворот на полицијата, врз државни службени возила, во рамките на институција на јавната безбедност. Ваквото постапување е целосно неприфатливо во држава, која, според Уставот, е секуларна и која има мултиетничка и мултиконфесионална реалност.
Полицијата на РС Македонија е државна институција, која треба еднакво да им служи на сите граѓани, без разлика на етничката и верската припадност. Таа не ѝ припаѓа на ниедна религија и не смее да создава перцепција дека постои доминантна или официјална вера во рамките на државните институции.
Кога државните простории и средства се користат за ритуали на само една конфесија, пораката кон другите е исклучувачка и опасна: дека јавните институции се идентификуваат со една религија, со што се потценуваат и исклучуваат другите. Ова не е безопасна симболика, туку институционализација на религијата и директно кршење на Уставот.
Особено е навредливо што овие возила се набавени со пари на сите даночни обврзници и ќе ги користат припадници на полицијата од разни вероисповеди. Никој нема право да ги „обележува“ државните институции со симболика на само една вера.
Државата се чува со закон и Устав, а не со света вода од свештеник.
Токму затоа секуларната држава не функционира со „традиции“, туку со еднаквост и институционална неутралност.
Демократската унија за интеграција бара:
1. Итно и јавно појаснување кој го има овластено овој чин, врз која законска основа и со каква цел;
2. Институционална одговорност за секој функционер што дозволил или не спречил користење на државните простории и средства за верски ритуали.
Јасна порака и до „Влен/Вреди: наместо бучава со статуси на социјалните мрежи и медиумски изјави, нека го докажат капацитетот онаму каде што треба – во институциите, со конкретни дејства и спречување дискриминаторски практики. Кога етничката и конфесионалната еднаквост се крши во државните институции, а реакцијата останува само виртуелна, тоа е доказ за реална неспособност и за тивко прифаќање на ваквата состојба.
Демократската унија за интеграција ја почитува слободата на вероисповед и верско изразување на секој поединец, но слободата на верата не значи узурпација на државните институции.
Полицијата мора да им припаѓа на сите, а не на една етничка заедница или една вера, со кршење на Уставот.
Демократската унија за интеграција ќе го следи овој случај до крај и ќе бара целосна транспарентност и конкретни мерки со цел вакви случаи повеќе да не се повторуваат.
Фото: архива




