Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седница ја утврди листата на пријавени кандидати на огласот на Собранието за новиот состав на Државната изборна комисија (ДИК). Од пријавените кандидати, шест се од актуелниот состав – Борис Кондарко, Абдуш Демири, Александар Даштевски, Дитмире Шеху, Светлана Карапетрова и Ангелчо Ристов.

Според утврдената листа, пријавени се 16 кандидати, од нив седум за претседател на Државната изборна комисија, кои во своите кандидатури навеле и можност за избор за потпретседател или само член на ДИК.

По објавениот оглас Абдуш Демири, дипломиран економист и магистер по економски науки, финансии од село Непроштено Теарце, се пријавува за потпретседател, Бојан Маричиќ, дипломиран правник и магистер по меѓународно и европско право и современи европски студии од Скопје (поранешен министер за правда кај Заев и вицепремиер во Владата на Ковачевски за евроинтеграции, познат по скапите бифтеци и ред антимакедонски закони), се пријавува за претседател или член. Инаку, немаше месец во кој Бојан Маричиќ како министер за правда не бил во ресторан на државна сметка. Од бифтеци и печења до свежи риби и јунешки мускули се плаќале со неговиот министерски потпис. На сметките исто така има и жолти ракии и висококвалитетни вина. Плаќал со службената картичка, но и на фактури што угостителските објекти ги доставувале до Министерството за правда. Само од податоците може да се заклучи дека за една година, од  јануари 2023 до јануари 2024 година, Маричиќ исплатил 313.603 денари или 5.000 евра за гоштавање.

Сумата би била поголема ако во неа се пресметаат и трансакциите што се направени во евра.

За дел од трансакциите има извештаи кои се доставени до „А1он“, за други нема. Се јадело во владиниот ресторан, познати скопски места како „Два елена“, „Јавор“, рибниот ресторан „Сидро“, „Маракана“, „Фор“, а најголемата сметка ја направил во пицеријата „Ера“, каде што платил 17.440 денари. За неа, „А1он“ не доби извештај колку и кои лица јаделе, што се нарачувало и зошто трошокот го плаќало министерството.

На државна сметка Маричиќ, некогаш и со гости, според сметките јадел бифтеци, свеж лосос, свежа риба орада, медалјони од бифтек, пилешки и телешки печења, калифорниска пастрмка, јунешки мускул во крем сос, шницли, гулаш. Според сметките што ги доби „А1он“, потпишани од Маричиќ, се гледа дека се пиелe и квалитетни вина, жестоки пијалаци, како ракија, уза, мастики, води, сокови.\n„А1он“ не ги доби деталните сметки на кои се гледаат видовите јадења платени со службената картичка што ја користел Маричиќ како министер за правда. Трансакции од неа има секој месец. Според изводите од банка, со неа плаќал во кафеани и по трипати во месецот. Седел во „Хилтон“, „Александар Палас“, „Џино“. Најмногу плаќања има во ресторанот „Два елена“, дури девет. Таму се платени 71.810 денари или над 1.160 евра за една година само од државната картичка на Маричиќ. Сметките достигнуваат и до 13.140 денари, но не може да се види што се јадело и пиело.

Александар Даштевски, дипломиран правник од Скопје, се пријавува за член, Ангелчо Ристов, дипломиран правник и магистер по административно право и јавна администрација од Делчево, се пријавува за член, Викторија Аврамовска Мадиќ, дипломиран правник и магистер по правни науки од Скопје, се пријавува за претседател.

На листата на кандидати е и Феузи Џафери, дипломиран правник со положен правосуден испит од с.Чајле Гостивар кој се пријавува за претседател, за потпретседател или член, Светлана Карапетрова – дипломиран економист и магистер по економија, финасии, сметководство и ревизија од Тетово, се пријавува за член, актуелниот претседател на ДИК Борис Кондарко кој е дипломиран правник со положен правосуден испит од Скопје, се пријавува за член, Марија Митановска Димовска – дипломиран правник од Скопје, се пријавува за член, Дитмире Шеху – дипломиран правник од Гостивар, која е дел од постојниот состав на ДИК, се пријавува за член, Даниела Маркоска – дипломиран правник од Скопје се пријавува за претседател, Елита Шуки – дипломиран правник со положен правосуден и нотарски испит од Скопје се пријавува за претседател, за потпретседател и член, потоа Добре Јанчев – дипломиран правник со положен правосуден испит од Скопје, се пријавува за претседател и за член, Бети Ѓорѓиеска – дипломиран инженер по електротехника од Скопје, се пријавува за член, Ивана Костадиноска – дипломиран правник со положен правосуден испит од Скопје, се пријавува за член и Благоја Гешоски – дипломиран дефектолог, доктор на дефектолошки науки од Прилеп, се пријавува за претседател, за потпретседател и член.

Утврдената листа на кандидати за претседател, потпретседател или член на Дравната изборна комисија, ќе биде доставена до претседателот на Парламентот.

На денешната седница, Комисијата за прашања на изборите и именувањата ги прифати барањата за остварување право на плата на Селим Адеми и Весна Дамева по престанок на функцијата член на Судскиот совет на Република Македонија, како и барањето на Ментор Јакупи за остварување право на плата по престанок на функцијата член на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување.