Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција денеска обвини дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ нема одговор за проблемите со кои се соочуваат граѓаните и затоа постојано прави дефокус.

– Ова не е политика, туку дефокус. Дефокус од катастрофалната состојба во земјата, од реалноста и од проблемите, а тоа е примарна цел на тендер-коалицијата ВМРО – ЗНАМ. Додека течат криминални тендери зад грбот на народот, се сервираат измислени афери, црни кампањи, јавен линч врз опозицијата. Последниот пример. Сите да се занимаваат со лажните вести на ТВ „Алфа“ и со црната кампања на ВМРО против мене, со Жан Митрев, додека се увезуваат 10.000 „економски работници“ – рече Филипче.

Тој потсети дека тие уште во декември апелирале оти постои дупка во буџетот и дека во државата нема пари, а, како што рече, Владата го потврдила тоа со ново задолжување од една милијарда евра преку еврообврзница.

– Сега треба да се пополни дупка од 2 милијарди евра, кои недостигаат. Како што објавија британските медиуми, кредитите од 6 милијарди евра за пополнување на дупките во буџетот се дел од договорот. Пред нос ни носат 10.000 „економски работници“, а на граѓаните им се сервираат измислици. Така функционира оваа власт. Нема одговор за дупката од 2 милијарди евра, нема одговор за минимална плата од 600 евра, нема одговор за катастрофата во економијата. Стандардот на граѓаните опаѓа секој ден, а власта не презема ништо – истакна Филипче.

Според него, се креираат лажни вести за СДСМ да ги демантира, а во заднина „никој да не зборува за скандалите на власта, сите да се занимаваме со непостојна зграда во Дубаи, со измислена афера, која служи како дефокус од главната тема – мигранти за пари“.

– Затоа, почитувани граѓани на Македонија, да знаете: Секогаш кога ќе излезе некоја измислена, фабрикувана афера, тоа е дефокус. Секогаш кога ќе прочитате текст од кујните на ВМРО, вие, почитувани граѓани, треба да знаете дека се случува уште една пљачка зад вашиот грб. Прават дефокус за вие тоа да не го видите – рече Филипче додавајќи дека „СДСМ ќе продолжи во борбата против криминалот и корупцијата, против изолацијата на земјата. Власта ќе ја вратиме во рацете на народот за политиката да се врати во интерес на граѓаните и квалитетот на нивниот живот“.

Во одговор на новинарско прашање тој рече дека чекаат институциите да реагираат.

– Ова се сериозни теми. Ова се теми што се во интерес на граѓаните. Не може да дозволиме тукутака да поминат овие работи. Институциите треба да се одзват и да кажат што мислат за работите што ги објавуваме. Доколку тоа и во следниот период не се случи, ние сме спремни да поднесеме соодветни пријави до сите институции до кои треба да се поднесат пријавите – рече Филипче.