ВМРО-ДПМНЕ, денеска, во реакција на прес-конференцијата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, наведува дека тој ги обвинува сите, освен Заев и кланот Дубаи, а на крајот не дава ниту решенија ниту предлози.
– Венко Филипче денеска одржа прес-конференција како од лош таблоид од доцните 90-ти години на 20 век: многу зборови, а нула факти. Список на наводни скандали, без ниеден документ, без пријава и без храброст да каже конкретно што, каде и како. Секогаш истото сценарио: „следуваат бомби“, „имаме информации“, „чекаме институции“ – стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму наведуваат дека тој зборува за буџетска дупка, а „го заборави периодот кога СДС ја празнеше касата, а државата ја задолжуваше без план и одговорност“.
– Денес, кога некој, конечно, ги средува работите, тие глумат загриженост. Наместо одговор зошто СДС нема политика, нема визија и нема поддршка, тој нуди приказни за згради во Дубаи, патувања и измислени афери. На крајот, ниту збор за решенија и предлози. Ниту за плати, ниту за економија, ниту за иднина. Само уште еден прес за да се создаде врева и да се скрие фактот дека СДС денес нема што да му понуди на народот – стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Се додава дека пиар-стратезите на СДС и денеска, помеѓу две тезги во БиХ и Србија, копираат исти наративи за да им е полесно. – Но не ги разбираме СДС и Филипче што немаат капацитет да проценат дека некој упорно ги лизга во зона на целосна нерелевантност – се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција денеска обвини дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ нема одговор за проблемите со кои се соочуваат граѓаните и затоа постојано прави дефокус. – Ова не е политика, туку дефокус. Дефокус од катастрофалната состојба во земјата, од реалноста и од проблемите – рече Филипче.
Фото: архива




