СДСМ го поддржува протестот на Сојузот на синдикати на Македонија и барањата на работниците упатени до Владата, изјави денеска лидерот на партијата Венко Филипче.
– Сметам дека барањата се реални, дека се објективни, дека поголема плата е заслужена и вистински потребна и за преживување на работничките семејства во државата. Јас жалам што завршија добрите пракси од минатото, од времето на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија кога во континуитет растеа и минималната плата и просечната плата. Минималната плата скоро се дуплираше и просечната плата исто, и тоа во време на најголеми кризи како што светот немаше видено тогаш, ковид кризата и енергетската криза, рече Филипче.
Според него, Владата на ВМРО-ДПМНЕ не покажува вистинска грижа за работниците и нивниот животен стандард.
– Гласот на работниците и на синдикатите треба да биде слушнат. Треба владата да сфати што тие луѓе бараат од неа, да ги сфати вистински причините, зошто тие тоа го бараат. Оваа влада конечно да сфати дека не и е местото да се шета низ светов и да не прави ништо, туку местото и е да разговара со синдикатите, со работниците, да излезе во пресрет на нивните барања, изјави Филипче денеска во Собранието.
Претседателот на СДСМ, во одговор на новинарско прашање, кажа и дека следува ново задолжување од 300 милиони евра и оти државата е соочена со голема криза.
– Следи ново задолжување од триста милиони евра, ќе слушнете наскоро. Мора да се пополнат нови дупки во буџетот. Сум за принципиелна поддршка на барањата на било која група на граѓани во државава, на луѓето им е потребна помош. Гласот на работниците и на синдикатите треба да биде слушнат, рече Филипче.
Фото: СДСМ




