Руското вселенско летало Сојуз МС-09 полета денеска од Казахстан со нов тричлен екипаж кон Меѓународна вселенска станица (МВС). Екипажот го сочинуваат космонаутот и заповедник Сергеј Прокопиев, Американката Серена А. Чејнчилор од НАСА и Германецот Александер Герст од Европската вселенска агенција. Тие патуваат во шестмесечна мисија под назив „Обзори“.

Се очекува Сојуз да стигне на МВС в петок.

Лансирањето успешно беше извршено од космодромот Бајконур во Казахстан во предвиденото време денеска во 7,12 часот по локално, односно 13,12 часот по средноевропско време.

Тројцата нови космонаути ќе им се придружат на тројцата колеги кои веќе се наоѓаат на МВС, од кои двајца се од НАСА и еден од Руската вселенска агенција Рускосмос.

Со програмата на нивната мисија се предвидуваат 250 обиди во подрачја од биологијата, физиката, технологијата и друго.

Лабораторијата на МВС е редок пример на соработка помеѓу Русија и САД, а во орбитата се наоѓа од 1998 година и се движи со брзина од 28.000 км на час.

Со МВС соработуваат 16 земји, чини околу 100 милијарди долари, а најголем дел од финансирањето е од Русија и САД.