Проф. д-р Виолета АЧКОСКА

Павел Шатев (Кратово, 15.VII 1882 – Битола, 30.I 1951), гемиџија, македонски национален деец со европско образование, доктор по правни науки, публицист, член на раководството на ВМРО (обединета), поборник за одбрана на самостојноста на македонското национално-ослободително движење меѓу двете светски војни, член на Президиумот на АСНОМ. Шатев бил длабоко уверен дека македонското националноослободително движење мора да остане национално чисто и самостојно, да биде надвор од влијанијата на комунистичките партии и другите туѓи влијанија што, од другата страна, не ја искулчувал соработката со балканските комунистички партии, особено југословенската и бугарската во функција на создавање на општо ослободително движење на Македонците во трите дела на Македонија, за нивно обединување.

Шатев немал резервна идеологија, освен македонската патриотска револуционерна дејност со чиста национална димензија. До крајот на животот останал „непартиен“ и не влегол во редовите на КПМ. За жал, во времето на  масовните информбировски чистки по 1948, станува жртва на репресијата на комунистичкиот режим. Во неговите гревови, покрај фактот што до 1941 година работел за советската разузнавачка служба, била средбата со мајорот Аврам Савченко во Скопје во мај 1945 година. Инаку, по ослободувањето од бугарскиот затвор, во септември 1944 година, и по враќањето во ДФМ, Шатев не презел никакви обврски ниту, пак, соработувал со разузнавачките служби на СССР. По барање на Савченко, Шатев организирал негова средба со Лазар Колишевски, кој веднаш ги примил. Меѓу другото,  Савченко барал да се ангажираат лица што би можеле да работат за разоткривање на британската известителна служба во Македонија, а особено во Битола. На средбата Колишевски потенцирал дека „ако се бркале такви работи, това је било само со знаење на партијата“. Во овие рамки, со знаење на Колишевски, бил ангажиран Крум Александров-Муркин. За несреќа, Муркин го поврзале со судењето на поп Габеров, кој наводно сакал да пребега во Грција (се спротивставил на насилното одземање на приватната сопст­веност). При претресот бил пронајден извештајот на Муркин на повеќе страници, подготвен за Савченко. За разговорот со Колишев­ски за овој случај, Шатев кажува: „бидејќи во това време би било скандал да се истијот суди за сарадња на советска об[авеш­тајна] служба, пошто бехме није запознати со другарот Лазо за таја работа, а имено да је Муркин предаден на Совјетите по обавештајна линија, се реши да се истијот суди за примање мито и др.“

Дополнително, Павел Шатев паднал во немилост и поради средбата, која заедно со Венко Марковски ја имале со бугарските функционери В’лко Червенков, Владимир Поп Томов, Тодор Павлов и генерал Штерјо Атанасов во хотелот „Мажестик“ во Белград при крајот на декември 1946 година во рамките на Сесловенскиот конгрес. На оваа средба се дискутирало за тогаш актуелното прашање за југословенско-бугарска федерација. Шатев дури е критички настроен кон бугарските раководители, кои не пристапиле кон решавањето на македонското прашање онака како што тоа било решено во југословенската федерација, во која македонскиот народ добил своја држава – федерална единка. По враќањето во Скопје, Шатев, инаку тогаш потпретседател на Президиумот на Народното собрание на НРМ, влегува во жестока расправија со Колишевски, кој за средбата во Белград бил известен од агентите на Ранковиќ. На 27.XII 1946 година, Павел Шатев, по решение на Политбирото на ЦК на КПМ (Лазар Колишевски, Видое Смилевски, Цветко Узуновски, Вера Ацева, Страхил Гигов, Борко Темелковски, Љупчо Арсов), а врз основа на извештајот што го донел Љупчо Арсов од Белград, требало да биде исклучен од Президиумот (Владата) на НРМ. Така, Шатев бил тргнат од Владата на НРМ и постепено отстрануван од сите функции паѓајќи во немилост, а Венко Марковски бил исклучен од редовите на КПМ.

Во времето кога е објавена Резолуцијата на Информбирото (28 јуни 1948), Шатев се наоѓал во Скопје. Самиот изјавува дека Резолуцијата не оставила врз него некој особен впечаток и тогаш му станало јасно „дека за едно искрено решавање на југословенско-бугарските односи не биле пречка теоретските разногласија ниту, пак, желбите на народите, туку руските државни интереси“. Павел Шатев (како непартиен) бил вон разидувањата во партиските врвови и единствен негов искрен ангажман тогаш било решавањето на македонското прашање, особено што претходно Тито и Димитров разговарале за југословенско-бугарска федерација. Но, поради претходниот багаж, Шатев бил ставен во категоријата сомнителни и пензиониран, односно УДБА оценила дека е потенцијално опасен. Под хипотеката „советски шпиун“ бил уапсен на 16.VI 1949 година кога по завршената седница на Народното собрание во Белград оди кај семејството во Загреб. Пратеничкиот имунитет му бил одземен 10 дена по апсењето. Доведен е во Скопје и сместен во посебна просторија во зградата на Државната безбедност, во која се наоѓал Благоја Аризанковски, уапсен по линија на ИБ и потоа одведен на Голи Оток.

Павел Шатев останал неколку месеци повеќе во истиот истражен затвор. Бил изложен на малтретирања од секаков вид цели 11 месеци додека неговото семејство не знаело каде е. Потоа бил одведен во Битола и затворен во специјален затвор – куќа на органите за безбедност. Оставен да живее во мизерни услови, изолиран, во студ, гладен, болен и без нужната лекарска нега, човекот, кој не беше уништен ни од османскиот султан ни од бугарскиот цар, кој го минира „Гвадалкивир” во Солун, кој ги преживеа злогласните „Еди куле”, „Фезан”, „Ениќој”, затворот во Софија и во Ќустендил, беше докрајчен со методите на репресија на комунистичката власт во својата македонска држава.

Историјата можеби суди со задоцнување, но секој ќе го добие заслуженото место. А Павел Шатев и неговата борба за Македонија остануваат на пиедесталот на македонскиот непокор, на онаа страна на историјата со која се гордееме и ние и ќе се гордеат идните генерации Македонци.