Македонија била вклучена во проектот кој се споменува во документите поврзани со починатиот американски милијардер Џефри Епстин, но целата постапка се одвивала легално, вели поранешниот директор на Институтот за судска медицина во Скопје, Алексеј Дума за Дојче Веле.
Во најновите документи објавени од американското Министерство за правда, поврзани со Епстин — осуден за трговија со малолетни лица и сексуални злоупотреби — се споменува и Македонија. Станува збор за електронска порака испратена до Ике Гроф, основач на инвестициската компанија „Турмалин партнерс“, во која е пренесено новинарско истражување на „Блумберг Бизнисвик“ од Синтија Кунс и Роберт Лагрет.
Професорот Алексеј Дума, поранешен директор на Институтот за судска медицина во Скопје за ДВ објаснува колкав број примероци и за какви цели биле испратени од Македонија во САД.
Дума во изјава за Дојче веле објаснува дека станува збор за меѓународен проект, во кој земјата била вклучена со испраќање на 10 до 15 примероци. Процедурата на испраќање на примероците во САД се одвивала под многу строги правила и контроли.
– Примероците најлегално патуваа со авион, поминуваа царина и за нив имаше целосна документација. Без дозвола — примерок не можеше да влезе во САД, вели Дума и ја отфрла можоста за профит од целата постапка.
Тој исто така нагласува дека бројката од 1.000 мозоци не се однесува на македонски примероци, туку на целата колекција од повеќе земји. Македонија годишно давала околу 10–15 примероци.
– Ако се има предвид дека годишно имавме по 300 до 350 обдукции од сите сфери, прашање е колку од нив починале поради самоубиство. На крај бројката се сведува на 10-15 случаи, вели Дума.
Тој не се сеќава дали во тоа време била потребна дозвола од семејствата за интервенцијата, или само согласност на Етичкиот комитет и писмо на информираност.
Професорот Дума, од оваа временска дистанца, вели дека добиле интересни податоци за шизофрените и нивната поврзаност со самоубиствата.
– Нашиот дел беше да се работи морфологијата – дали има некакви промени на мозокот коишто се карактеристични за самоубиствата. Понатаму друг универзитет работеше на изнаоѓање на лекови, вели тој.
Дума е дециден дека проектот донел значајни научни резултати.
Извор: Дојче Веле




