Државниот секретар на САД, Марко Рубио, ги нагласи блиските врски меѓу САД и Европа пред неговото заминување на Минхенската безбедносна конференција.

– Европа ни е важна – изјави Рубио вчера и додаде дека Соединетите Американски Држави се „длабоко поврзани со Европа и нашите иднини отсекогаш биле поврзани и ќе продолжат да бидат“.

– Така што, само треба да разговараме за тоа како изгледа таа иднина – додаде Рубио.

Државниот секретар исто така рече дека „стариот свет го нема“ и оти светот живее во нова ера на геополитика, пренесе ДПА.

Рубио треба да присуствува на водечкиот светски форум за меѓународна безбедносна политика кој почнува денеска. Повеќе од 60 светски лидери, заедно со околу 100 министри за надворешни работи и одбрана, се очекуваат во Минхен на тридневната конференција.

На минатогодишната Минхенска безбедносна конференција, потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, упати остра критика до европските сојузници на Вашингтон, предупредувајќи дека тие ја загрозуваат демократијата.

Венс индиректно се осврна на тогашната дебата во Германија за дистанцирање на мејнстрим партиите од десничарската Алтернатива за Германија (АфД) и предупредуваше против „огнените ѕидови“ (firewalls) во Европа. Говорот предизвика силни критики во Европа.

На почетокот на декември, Вашингтон објави национална безбедносна стратегија која набљудувачите ја оценија како означување на промена во трансатлантската политика на САД. Посебна национална одбранбена стратегија, објавена во јануари, нагласи дека Соединетите Американски Држави имаат намера да продолжат да играат централна улога во рамките на НАТО, дури и ако го приспособат своето присуство во Европа.