Бриселскиот портал „Политико“, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека САД вршат притисок НАТО да ги ограничи меѓународните активности, меѓу кои и намалување на силите на КФОР во Косово и завршување на советодавната мисија на Северноатлантскиот сојуз во Ирак.

КФОР во моментпв има речиси 4.500 војници и според соработничката за политика во Европскиот совет за надворешни односи, Енѓелуше Морина, мисијата во Косово е неопходна за регионалната безбедност. Според неа, повлекувањето на КФОР може да ги охрабри српските сепаратисти во северно Косово.

И пет неименувани дипломати на НАТО наведоа дека „се загрижени поради обидот за завршување на мисијата“ бидејќи „работите во Западен Балкан може бргу да ескалираат“.

Претставник на НАТО за „Политико“ посочи дека „нема временска рамка поврзана со мисијата на НАТО во Ирак… или со КФОР.

– Овие мисии се засновани на потребите, подлежат на периодичен преглед и се приспособуваат како што се менуваат околностите. Сè уште не е донесена одлука за прекин на која било операција. Сите 32 сојузници мора да го одобрат почетокот и крајот на мисиите, процес што обично вклучува лобирање и кампањи за притисок од повеќе сојузници, а не само од САД – изјави претставникот на НАТО.

Алијансата во Ирак има советодавна мисија за зајакнување на локалните безбедносни институции и за спречување враќање на Исламската држава. САД побараа од сојузниците мисијата во Ирак да заврши во септември, со повлекување на 2.500 американски војници во согласност со договорот со Багдад од 2024 година.

Аналитичарите предупредуваат дека укинувањето на мисијата и американското присуство во Ирак би можеле да ги зајакнат милитантните групи и да го дестабилизираат северен Курдистан.

фото: архива