Мадридски Реал, Галатасарај и ПСЖ се последните осминафиналисти во Лигата на шампиони, откако пласман меѓу 16. најдобри екипи во елитното европско клупско натпреварување преку плејофот претходно вечерва обезбеди и Аталанта.

Откако минатата недела во Истанбул претрпе шокантен пораз од 5-2, Јувентус вечерва пред своите гледачи во Торино дојде на чекор до подвиг и во регуларните 90 минути имаше водство од 3-0 (Локатели, 37, Гати, 70, Мекени, 82), но со играч помалку поради исклучувањето на Кели во 47 минута, потклекна во продолженијата и извојува пирова победа од 3-2. Осимен (105+1) и Јилмаз (119) беа стрелци за Галатасарај, кој на крајот го елиминираше Јувентус со вкупен резултат од 7-5 и за прв пат од 2014 година се пласираше во осминафиналето во Лигата на шампиони.

Актуелниот европски првак ПСЖ пред своите гледачи во Париз одигра нерешено 2-2 против Монако и со вкупен резултат од 5-4 се пласираше во осминафиналето. Аклиуче му донесе водство на гостинскиот тим во 45 минута, а Маркињос (60) и Кварацхелија (66) беа прецизни за резултатски пресврт, откако Монако остана на теренот со играч помалку поради исклучувањето на Кулибали во 58 минута. Тезе (90+1) донесе израмнување, но Монако до крајот не успеа да постигне уште еден гол и да избори продолженија.

Реал на реваншот на „Сантијаго Бернабеу“ ја совлада Бенфика со 2-1 и со вкупен резултат од 3-1 го елиминираше составот на Жозе Мурињо. Рафа Силва ја доведе Бенфика во водство во 14 минута, но само две минути подоцна Чуамени го израмни резултатот, а Винисиус во 80 минута му ја донесе втората победа на Кралскиот клуб во пресметката со Бенфика.

Претходно вечерва, Аталанта ја совлада Борусија Дортмунд со 4-1 и со вкупен резултат од 4-3 го елиминираше германскиот вицешампион.

Пласман во осминафиналето во вторникот обезбедија Атлетико Мадрид, Баер Леверкузен, Бодо/Глимт и Њукасл.

Место во осминафиналето по завршувањето на лигашката фаза обезбедија Арсенал, Баерн Минхен, Ливерпул, Тотенхем, Барселона, Челзи, Спортинг и Манчестер сити.

Жрепката за осминафиналето е закажана за в петок во Нион, а првите натпреварите ќе се играат на 10 и 11 март.