Растот на економијата во 2025 година е најголем показател дека политиките и во услови на неизвесност може да се креираат и да остваруваат резултати – рече денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска осврнувајќи се на најновите податоци што ги објави Државниот завод за статистика.
Кочоска на прес-конференција напомена дека БДП во четвртиот квартал од 2025 забележал раст од 3,5 проценти, што е потврда, како што рече, за позитивните економски движења во земјата и покажува континуитет во остварување позитивни резултати, кои шест квартали по ред го задржуваат ова темпо и создаваат услови за постигнување повисоки стапки на раст.
Значајно е, дополни, што растот се надоврзува на високиот раст од 4,3 отсто во истиот квартал минатата година.
-Во споредба со државите од регионот и ЕУ, Македонија повторно е меѓу земјите со највисок раст. За четвртиот квартал од 2025 повисок раст е забележан само на Малта, на Кипар и во Полска. Ако споредуваме со земјите во регионот, растот во Србија изнесува 2,2 процента, во Хрватска 3,6, во Бугарија 3, во Словенија 2 отсто. Кумулативно, реалниот раст во 2025 година достигна 3,5 отсто, што е во линија со проекциите на Министерството за финансии, а номиналниот раст е нешто повисок од очекуваниот, што е потврда за внимателноста и сериозниот пристап при планирање и водење на фискалната политика. Буџетскиот дефицит за 2025 година е во рамките на очекуваното, 4 отсто од БДП, а кај јавниот долг има намалување и изнесува 59,3 отсто од БДП – потенцира министерката.
Според неа, растот не економската активност во четвртиот квартал е на широка основа, при што речиси сите сектори забележаа раст.
– Силната динамика во градежништвото продолжи со раст од 14,6 проценти, а тоа се должи на зголемената активност во нискоградбата, која забележа реален раст од 12,5 отсто во четвртиот квартал. Ова е уште една потврда дека силната посветеност на Владата на реализација на капиталните инвестиции и оптимизацијата на нивните трошоци, динамика и услови за градба, придонесе за динамизирање на еконосмката активност. Висок раст од 8,1 отсто е забележан кај стручни и научни дејности, трговијата и транспортот бележат раст од 4,4 отсто, преработувачката индустрија 3,6 отсто… Земјоделството забележа благо намалување од 0,4 отсто – истакна Димитриеска-Кочоска.
Особено охрабрува, оцени министерката, високиот раст на извозот на стоки и услуги од 9,7 проценти, што упатува на натамошно закрепнување на извозната активност, почната од почетокот на годината, по намалувањето во изминатите години.
– Приватната потрошувачка остана стабилна, со реален раст од два отсто, поддржана од растот на платите. Бруто-инвестициите забележуваат намалување од три отсто во услови кога има висок раст на корпопративното кредитирање и раст во градежништвото. Треба да се има предвид дека минатата година имавме рекорден раст на бруто-инвестициите во последниот квартал, од 23,7 проценти. Македонската економија изминатиот период е под силно влијание на случувањата надвор, но тоа е предизвик што стои пред Владата и онака како што и досега во изминатите 20 месеци покажавме како се работи на економски план, така и ќе продолжиме, ќе создаваме мерки и политики од интерес на стопанството и граѓаните, истовремено имајќи ја предвид состојбата на меѓународно ниво – порача министерката.
фото: принт скрин




