Во Австралија, инженерите од компаниите Крест роботикс (Crest Robotics) и Ерфбилт текнолоџи (Earthbuilt Technology) создадоа револуционерен автономен робот наречен Шарлот- машина налик на пајак, способна целосно да испечати „3Д“ куќа од 200 квадратни метри за само 24 часа. Со прецизност и брзина што се споредува со работата на 100 човечки ѕидари, овој систем претставува значаен исчекор во автоматизацијата на градежниот сектор и најавува нова ера во начинот на кој се градат домовите.
Роботот е направен од Крест роботикс и Ерфбилт текнолоџи. Тоа е робот со шест нозе, дизајниран да се движи стабилно околу градилиштето додека ги печати „3Д“ ѕидовите на објектот. Благодарение на својата автономија и напредниот софтвер, машината може да испечати ѕидови за куќа од 200 квадратни метри во рок од само 24 часа, без прекин и без потреба од постојан човечки надзор. Овој пристап не само што значително го скратува времето за градба, туку и ја намалува зависноста од традиционалната работна сила, која во многу земји станува сè поскапа и потешко достапна.

Ваквата куќа, со вклучени рачни завршни работи, инсталации и ентериер би требало да чини повеќе од 150.000 американски долари, но засега е значително пониска. Според податоците, за одредени модели, основниот конструкциски печат чини меѓу 4.000 и 10.000 долари – сума што драстично ги намалува почетните трошоци во споредба со традиционалната градба. Токму оваа разлика во цената го прави роботот особено атрактивен за пазар со висок недостиг на достапно домување.
Дополнителна предност на ваквите системи е употребата на еколошки прифатливи материјали. Роботите како Шарлот често користат специјални композити направени од локално набавен песок, рециклирано стакло и сомелена тула. Со тоа се намалува потребата од транспорт на бетон и класични градежни материјали, што доведува до пониски емисии на јаглерод и поекономичен процес на изградба. Неупотребата на традиционалните цигли и големите бетонски камиони дополнително ја зголемува ефикасноста и ја намалува логистичката сложеност на проектите.
Според процените, роботите од ваков тип работат со продуктивност споредлива со 100 ѕидари истовремено. За разлика од човечката работна сила, тие можат да функционираат непрекинато, без замор и без потреба од паузи, што значително го скратува рокот на изведба. Оваа технолошка предност отвора можности за брза изградба на населби, особено во региони погодени од природни катастрофи или во области со сериозен недостиг на домување.
Технологијата веќе наоѓа примена низ светот. Во Тексас се наоѓа најголемата светска заедница изградена со „3Д“-печатач, каде што куќи со три спални соби се продаваат по цена од околу 450.000 долари. Овие домови не се само експериментални објекти, туку целосно функционални куќи со модерни завршни работи и современа архитектура.
Во Индија, пак, компании како Критеб (Creteb) нудат три спални соби, дневна и кујна – куќи изработени со „3Д“-печатење по цена од приближно меѓу 19.000 и 26.000 американски долари. Развојот на автономни роботи како Шарлот дава знак за длабока трансформација во градежната индустрија. Со комбинирање на брзина, прецизност, одржливост и намалени трошоци, ваквите домови би можеле да ја намалат светската криза во иднина.
Фото: Јутјуб – принтскрин




