Патувачка фотоизложба посветена на балканскиот рис, по седум претходни поставки низ државата, денеска ќе биде отворена за скопската публика во културниот простор „Лабораториум“. Настанот е во организација на Македонското еколошко друштво (МЕД).
Изложбата има цел да го доближи балканскиот рис до јавноста и да ја подигне свеста за зачувување на овој критично загрозен подвид. На посетителите ќе им бидат претставени дел од најефектните кадри, дел од нив направени со фотозамки, метод што МЕД го применува 18 години. Поставката вклучува околу дваесет фотографии кои ја прикажуваат полевата работа на МЕД во рамки на регионалната Програма за закрепнување на балканскиот рис (Balkan Lynx Recovery Programme), што се спроведува веќе две децении.
Според МЕД, преку оваа долгогодишна програма се добиени податоци за големината на популацијата на рисот, неговиот опсег, движењето и навиките, преку ГПС-следење и интензивна теренска работа. Работата на терен овозможила и градење партнерства со институциите, ловџиските здруженија, шумарите и ловочуварите, кои имаат значајна улога во заштитата на видот. Во рамките на програмата, балканскиот рис е вметнат и во меѓународни спогодби за прекугранична заштита, а како резултат се прогласени и нови заштитени подрачја, меѓу кои и Шар Планина.
Изложбата досега беше поставена во повеќе градови и национални паркови, меѓу кои „Маврово“, „Пелистер“, „Галичица“ и „Шар Планина“. Организаторите посочуваат дека таа има едукативен карактер и отвора простор за разговор за состојбата на балканскиот рис, кој, иако е национален симбол, останува критично загрозен со помалку од 50 возрасни единки во природата.
Поставката е наменета за посетители од сите возрасти, а во Скопје ќе биде отворена до 5 април.




