Американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет во ноќешниот разговор со својот израелски колега, Израел Кац, му порача Израел да „оди до крај“, велејќи му дека САД стојат покрај Израел, објави утринава израелското Министерство за одбрана.
Кац му се заблагодари на Хегсет за обемната американска помош во одбраната на израелските граѓани од иранската ракетна закана, се наведува во соопштението.
Израелската војска објави дека денеска започнала „нов бран напади од големи размери врз инфраструктурата на иранскиот терористички режим низ целиот Техеран“.
Иранската агенција Тасним претходно извести за експлозиите во Техеран, без да даде детали за потенцијалните последици.
Утринава експлозии се слушнаа и во Ерусалим.
Иран денеска истрела уште еден бараж ракети кон Израел, објавија израелската војска и иранските државни медиуми, предизвикувајќи аларми во неколку области, вклучувајќи го и Тел Авив, но во нив нема жртви.
Официјалната либанска агенција АНИ денеска објави дека во израелски воздушен напад е убиен лидерот на Хамас во северен Либан, првиот лидер на палестинската исламистичка група убиен од почетокот на американско-израелската офанзива против Иран.
Јужен Бејрут, упориште на проиранското движење Хезболах, синоќа беше цел на уште еден воздушен напад. Пред тоа, израелската армија ги повика жителите на Либан да се евакуираат од предградијата на Бејрут.
ИДФ на Телеграм објави дека „започнала да ја напаѓа инфраструктурата на Хезболах во Бејрут“.
Иран денеска истрела ракети насочени кон седиштето на курдските сили во автономниот регион Курдистан во Ирак, каде што се стационирани американски војници.
„Со три ракети ги гаѓавме седиштето на курдските групи кои се спротивставуваат на револуцијата во Ирачки Курдистан“, се наведува во военото соопштение цитирано од агенцијата ИРНА.
Нападите, во кои е убиен член на протераната иранска курдска група, следеа по предупредувањето од иранските власти.
„Сепаратистичките групи не треба да мислат дека дувнал нов ветер и да се обидат да дејствуваат“, предупреди Али Лариџани, шеф на Врховниот совет за национална безбедност на Иран.
Фото: Архива




