Фондот за здравствено осигурување соопшти дека во координација со Министерството за социјална политика, демографија и млади, е воспоставено преодно решение за евидентирање на правото на ослободување од плаќање партиципација за лицата со попреченост, со цел да се обезбеди непречено остварување на нивните права од здравственото осигурување.
Согласно воспоставениот систем, како што посочуваат од Фондот, податоците за лицата со попреченост кои се ослободени од плаќање партиципација треба електронски да се доставуваат од системот на Министерството за социјална политика, демографија и млади и автоматски да се евидентираат во електронскиот систем на Фондот.
Меѓутоа, поради моменталната техничка неможност овие податоци електронски да се доставуваат од системот на Министерството до системот на Фондот, иако системот на Фондот е целосно подготвен за нивно преземање, во меѓуинституционална координација е воспоставено преодно административно решение, со цел правата на лицата со попреченост да не бидат доведени во прашање. Во таа насока, лицата со попреченост ќе добиваат решение за ослободување од плаќање партиципација, издадено од Министерството за социјална политика, демографија и млади, односно од надлежните центри за социјална работа, во кое е наведен основот на ослободувањето, информираат од Фондот.
Решението издадено од надлежните центри за социјална работа осигурениците го доставуваат до подрачната служба на Фондот за здравствено осигурување според местото на живеење, односно во една од подрачните служби на Фондот, по што овластените службени лица веднаш го евидентираат податокот во електронскиот систем на Фондот.
Со внесувањето на податокот, ослободувањето од плаќање партиципација автоматски станува видливо во електронскиот систем „Мое осигурување“, до кој имаат пристап сите јавни и приватни здравствени установи и аптеки. Евиденцијата во системот „Мое осигурување“ претставува официјална основа за постапување на здравствените установи и аптеките, кои имаат целосен увид во системот и се должни да постапуваат согласно електронската евиденција.
Ова преодно решение ќе биде во функција сe додека Министерството за социјална политика, демографија и млади не биде во можност податоците за лицата со попреченост да ги доставува по електронски пат до системот на Фондот, со што тие автоматски ќе се евидентираат во системот „Мое осигурување“, наведуваат од Фондот за здравствено осигурување и додаваат дека остануваат посветени на унапредување на пристапот до здравствена заштита и на обезбедување непречено и достоинствено остварување на правата на сите осигурени лица.




