По доказите дека одговорен за организирање на луѓе и превоз од Струмица и струмичкиот регион е Бранко Георгиев кој е поранешен раководител во ЈПКД Комуналец Струмица во време на СДС, нови докази и факти дека СДС го координира и управува ССМ и на централно и на локално ниво, се вели во партиското соопштение на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„Протестот кој е најавен за денес формално е организиран од ССМ, но јасно се гледа дека зад логистиката и техничката организација стојат структури на СДС. Сите информациите од терен покажуваат дека главните лица за контакт во повеќе општини, задолжени за организација на луѓе и превоз за протестот, се лица блиски или директно поврзани со СДС. По Струмица, конкретен пример е Куманово, каде за логистика и организација на превоз за протестот е задолжен Оливер Трајковски, шеф на штаб на СДС во населба Зелен Рид и вработен во ЈП „Чистота и Зеленило“ во Куманово. Фотографиите од претходни политички активности дополнително ја потврдуваат неговата блискост со функционери и кандидати на СДС од локалните избори во 2021 година. На фотографијата се гледа Оливер Трајковски, кој е сликан со кандидатот за градоначалник на Куманово од СДС, Оливер Илиевски и носителот на листа Атина Мургашанска, за локалните избори 2021 година. Ова е доказ дека СДС и ССМ веќе ниту се обидуваат да ја сокријат меѓусебната координација. ССМ во Куманово е раководено од општинските организации од СДС. Наместо вистинска синдикална борба за подобрување на правата и платите на работниците, протестот се користи како алатка за политички притисок. Граѓаните и работниците заслужуваат искрена и независна синдикална борба, а не политички сценарија во режија на СДС, истакнуваат од владејачката партија.
Јавноста има право да знае дека зад формалната организација на протестот стои директна политичка координација од СДС, со што уште еднаш се потврдува фактот дека ССМ и СДС делуваат синхронизирано и со политички цели, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.




