Со поставување на симболичната инсталација „63 бели столчиња – 63 животи“, денеска, во Паркот на револуцијата во Кочани почна одбележувањето на годишнината од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, во која на 16 март минатата година згаснаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Шеесет и три бели столчиња наредени во тишина на отворено и една бела роза за спомен и отворена книга за жалост како немо сведоштво за животи прекинати во најубавите години.

– 63 бели столчиња, 63 имиња, 63 животи што недостигаат – секое столче ја носи тишината на едно отсутно присуство, бела роза за спомен, светлина за сеќавање и место што никогаш нема да биде исполнето – беше пораката што ги пречекаа бројните делегации, семејствата на загинатите и останатите пред Домот на културата во Кочани.

Настанот, организиран од Општина Кочани и родителите на загинатите, започна во 8:45 часот и претставува дел од централната програма за одбележување на годишнината од трагедијата.

При приемот на гости и делегации за комеморативниот настан „Ден на сеќавање – 16 март 2025″, којшто започнува во 10:30 часот во Центарот за култура „Бели мугри”, утрово,  пред овој визуелен споменик посветен на недовршените соништа на прерано починатите, отворена е и книга на жалост.

 

(МИА)