Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција истакна дека нема да дозволи цепкање на партијата и оти поранешниот градоначалник Петре Шилегов одработува за ВМРО-ДПМНЕ.
Одговарајќи на новинарски прашања, тој нагласи дека суштината на СДСМ е да се постигне и изгради консензус, да се изградат политики врз основа на мислења на многу луѓе, но и дека власта останува да ја дели СДСМ однатре.
– Јас и раководството тоа го правиме повеќе од една и пол година. Така било, така е и така ќе биде. И тоа е суштината во градење добри политики, да се сослуша секој, но некој да одработува за ВМРО-ДПМНЕ – нема да го дозволам тоа. Вчера излезе изјава за некаква платформа и луѓе што не сакаат да се потпишат. Кажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ била најголема партија и опозицијата била раситнета, што може да се очекува од тоа и што може да е заднината, освен дека тоа е пишувано во белата палата на ВМРО-ДПМНЕ и да се презентира како некаква платформа – рече Филипче.
Според него, вратите во СДСМ се отворени за сите, но не и за злонамерниците.
– Сè што им останува е да нè ситнат и да нè делат, граѓаните тоа го препознаа дека немаат капацитет да ја водат државата. Немаат желба, ни визија. Ниедна добра политика немаат спроведено, освен некои што останаа неспроведени од времето на владеењето на СДСМ – истакна Филипче дополнувајќи дека околностите за влез во Унијата се менуваат многу бргу и оти, како што рече, „ќе останеме слепо црево во Европа“.
Во однос на прашањето за „сомнително работење на гувернерот на НБРМ, Трајко Славески“, Филипче посочи дека тоа првин треба да се истражи, да се утврди и да се постапи во согласност со утврденото.
Ако има прекршување, соодветно да се санкционира. Нека реагираат институциите. Ние апелираме и ги повикуваме институциите за повеќе предмети, но досега нема апсолутно никаква реакција. Од Обвинителството нема никаква реакција. Но што да се очекува од гувернерот. Човекот што е против растот на минималната плата беше претседавач на Советот на Град Скопје кога намерно се блокираа градските институции, рече Филипче.
Фото: архива




