Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамките на официјалната посета на Хрватска, денеска ќе одржа предавање на Правниот факултет во Загреб.
За време на посетата Сиљановска-Давкова ќе оствари средба со деканот проф. д-р Иван Коприќ. Предавањето, кое ќе се одржи на хрватски јазик, ќе овозможи интеракција со студентите преку поставување прашања, а модератор ќе биде продеканката за наука проф. д-р Елизабета Ивичевиќ-Карас.
Претседателката вчера во Загреб беше пречекана со највисоки државни и воени почести од хрватскиот претседател Зоран Милановиќ по што оствари средба и со премиерот Андреј Пленковиќ.

Во рамките на посетата Сиљановска-Давкова положи венци на Споменикот на татковината и на спомен-бистата на Блаже Конески во паркот „Бундек“.

– Ми беше чест, во паркот „Бундек“ во Загреб, да положам венец на спомен-бистата на истакнатиот македонски филолог, поет, прозаист, преведувач и прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите, Блаже Конески – истакна претседателката.

Паркот „Бундек“, како што посочи Сиљановска-Давкова, кој е сместен покрај брегот на Сава, не е само омилено рекреативно место на загрепчани, туку и дом на Алејата на писателите, каде што нашиот Конески го зазема своето заслужено место меѓу светските книжевни умови.
– Тоа е уште еден доказ за неговата безвременска и универзална вредност – нагласи македонската претседателка.
Сиљановска-Давкова официјалниот престој во Хрватска го почна со посета на македонската православна црква „Свети Злата Мегленска“ во Загреб, каде што оствари средба со претставници на македонската заедница во Хрватска.
Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова




