Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека почнале со напади врз цели во Техеран рано утрово.

„ИДФ моментно ја напаѓа воената инфраструктура на иранскиот терористички режим низ целиот Техеран“, соопшти војската во објава на Телеграм, без да даде дополнителни детали.

30-ина минути подоцна ИДФ соопшти дека „идентификувале ракети лансирани од Иран кон територијата на Државата Израел“.

„Одбранбените системи работат за да ја пресретнат заканата“, се наведува.

Претходно, претседателот Доналд Трамп во објава на „Тру соушал“ рече дека американската војска исто така нападнала и уништила неколку клучни цели во Иран опишувајќи го како „голем ден“ и пофалувајќи ги американските сили како „најдобри и најсмртоносни во светот“.

Трамп рече дека „многу долго барани цели“ се елиминирани, но не даде дополнителни детали.

Израел и Соединетите Американски Држави почнаа заеднички воени операции против Иран кон крајот на февруари.

Трамп размислува за испраќање војска за да го заплени иранскиот ураниум

Американскиот претседател Доналд Трамп размислува за воена мисија во Иран за запленување речиси 400 килограми високозбогатен ураниум – пренесува „Волстрит џурнал“.

Весникот вчера цитира американски официјални лица, кои рекле дека Трамп моментно проценува колку тоа би било опасно за копнените трупи потребни за операцијата, пренесе ДПА.

Трамп генерално е отворен за идејата, објави весникот бидејќи таквата воена операција би можела да помогне во постигнувањето на неговата централна зацртана цел – спречување Иран некогаш да произведе нуклеарно оружје.

Сепак, тоа би била сложена и ризична мисија, која американските вооружени сили веројатно би морале да ја спроведуваат во земјата неколку дена или подолго.

Пред Израел и САД да извршат воздушни напади врз Иран во јуни минатата година, бомбардирајќи три нуклеарни постројки, земјата поседуваше повеќе од 400 килограми ураниум со чистота од 60 проценти, според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ). За изградба на нуклеарно оружје е потребна чистота од повеќе од 90 проценти.

Високозбогатениот ураниум веројатно се наоѓа главно во подземни тунели и магацини на нуклеарните локации Исфахан и Натанц, кои беа бомбардирани од САД и Израел минатиот јуни, според директорот на МААЕ, Рафаел Гроси.

Трамп ги охрабри своите советници да извршат притисок врз Иран да се согласи да го предаде материјалот како услов за прекинување на војната, го цитира „Волстрит џурнал“ неименуваниот извор.

Трамп јасно стави до знаење во разговорите со сојузниците дека Иранците не може да го задржат ураниумот. Тој исто така зборуваше за негово запленување со сила доколку Иран не се согласи на тоа.

Трамп синоќа изјави новинарите дека Иран мора да ги исполни барањата на САД, во спротивно „тие нема да имаат држава“, според медиумските објави за неговиот разговор со новинарите.

Со денови постојат извештаи за можна копнена офанзива на американската војска во Иран. Иако Пакистан се обидува да посредува, Вашингтон и Техеран сè уште не влегле во директни преговори за ставање крај на конфликтот.

Фото: МИА архива