Претседателот на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај и потпретседателот на  Здружението „ВАРДАР-МКД“ од Подгорица, Црна Гора, Никола Ангеловски, потпишаа Меморандум за соработка.

Целта, на документот потпишан во Тирана е заедничка промоција на македонските национални малцинства во Република Албанија и Република Црна Гора на национално и меѓународно ниво.

-Искажавме интерес за градење на партнерство во спроведување на конкретни проектни активности со намера да ги реализираме заедничките цели преку заеднички проекти и активности, информираше Ѓурѓај.

Додаде дека било договорено да спроведуваат истражувања, креирање, развој и промоција во разни манифестации, како и промовирање и поддршка на научни, културно-уметнички, спортски и хуманитарни активности и манифестации.

МД „Илинден“, чија мисија е заштита и афирмација на етничкиот, јазичен, културен, верски, историски идентитет на Македонците во Република Албанија, веќе има воспоставено блиска соработка со асоцијации на Македонците во повеќе земји во Европа.

Фото: МД „Илинден“-Тирана