Јапонската влада подготвува средба на високо ниво со Иран, соопшти премиерката Санае Такаичи, во услови на растечки тензии на Блискиот Исток и приближувањето на крајниот рок за отворање на Ормуската Теснина, поставен од американскиот претседател Доналд Трамп.

– Подготвуваме дијалог на највисоко ниво во соодветен момент – изјави Такаичи пред парламентарната комисија, одговарајќи на прашање на опозициски пратеник за дипломатските напори на Јапонија во врска со конфликтот меѓу САД, Израел и Иран. Таа додаде дека Јапонија ќе ги вложи сите можни напори за враќање на мирот, без да прецизира со кој ирански лидер планира да разговара.

Јапонија е меѓу земјите кои се најсилно погодени од кризата, бидејќи државата, која е сиромашна со ресурси, се потпира на Блискиот Исток за над 90% од својот увоз на сурова нафта. Поголемиот дел од тие пратки минуваат низ Ормуската Теснина – клучна рута за светското снабдување со енергија, која Иран практично ја затвори, предизвикувајќи страв од недостиг на нафта и зголемување на цените.

Во меѓувреме, Трамп го продолжи крајниот рок за отворање на теснецот до утре, заканувајќи се со напади врз иранската енергетска инфраструктура доколку Техеран не попушти.

– Ако не се сообразат и не го отворат, ќе ја изгубат секоја електроцентрала и секое друго претпријатие во земјата – изјави тој за „Волстрит Џурнал“.

Трамп дополнително објави и кратка порака на социјалните мрежи: „Вторник, 20:00 часот по источноамериканско време!“.

Јапонија, која е близок сојузник на САД, но одржува добри односи и со Иран, ја осуди блокадата на теснецот од страна на Техеран, како и неговите напади врз други држави во Блискиот Исток во одговор на американско-израелските удари.