Девет од десет граѓани на Турција сметаат дека САД не се сигурен сојузник на нивната земја, покажуваат резултатите од анкетата на социолошката агенција „Метропол“ (Metropoll) спроведена во март.

Според истражувањето, високи 90,8 отсто од испитаниците не веруваат во сојузништвото со Вашингтон, додека само 6,8 отсто го заземаат спротивниот став. Во споредба со истиот период минатата година, процентот на недоверба пораснал за речиси пет процентни поени.

Недовербата е присутна низ целиот политички спектар. Кај гласачите на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) таа изнесува 88,8 отсто, кај опозициската Републиканската народна партија (ЦХП) 94,1 отсто, кај Партијата на националистичко движење (МХП) 89,4 отсто, а кај „Добра партија“ 91,7 отсто.

Анкетата е спроведена меѓу 1.385 лица во периодот од 11 до 16 март, кога веќе течеше третата недела од војната на САД и Израел против Иран. Овој период се карактеризира со енормен раст на цените на енергенсите, затворање на Ормуската Теснина и зголемени притисоци од Вашингтон кон сојузниците во НАТО за вклучување во воените дејствија.