Одлично се одвиваат подготовките за почеток на изградба на брзата пруга преку Договорот за партнерство со Обединетото Кралство, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој најави почеток на работите на терен од есен годинава.
-Одлично течат подготвителните работи, трасата е веќе избрана, сега се работат потребните геолошки истражувања, студии, се работат претпроектирања и проектирања и тоа е рокот од една година кој што лани го зададовме. Ќе бидеме во рамки на рокот, а тоа значи дека во текот на летото сето ова ќе биде завршено, после тоа ќе може да се потпише договорот со финансиерот, односно Банката и да почне она што за граѓаните е видливо, а тоа е работа на терен. Рокот останува ист, односно до крајот на 2031 година – рече Николоски во гостувањето во “Само Интервју” на Канал 5 Телевизија.
Николоски, исто така, информираше дека од септември Скопје ќе ја добие првата делница од Градскиот воз од Зелениково до транспортниот центар, како и првите 30 нови автобуси доколку успешно заврши јавната набавка по Велигденските празници.
– Тендерот за набавка на нови автобуси траеше до понеделникот, согласно закон мораме да почекаме дали нешто ќе стигне по пошта и веднаш по завршување на Велигденските празници ќе влеземе во евалуација. Согласно закон она што можам да го кажам до овој момент, е дека имаме 4 понуди, рече Николоски.
Според предвидените услови во тендерската постапка, доколку се избере најповолна понуда, првите 30 нови автобуси треба да пристигнат во септември. Тендерот предвидува набавка на вкупно 150 електрични автобуси, од кои 100 за главниот град, а останатите за општините.
Во однос на изградбата и реконструкцијата на болници во Штип, Тетово и Кичево, објекти кои се исто така опфатени со Договорот за партнерство со Обединетото Кралство, Николоски истакна дека во овој дел Министерството за финансии веќе е во крајна фаза за избор на индикативна понуда за финансирање на истите.
Фото: архива




