Армијата на Република Македонија во април 2026 година ќе ја реализира големата воена вежба „Блесок 26“, која претставува продолжение на серијалот „Македонски Блесок“ и важен чекор во процесот на оценување на Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ) како НАТО-декларирана единица.

Вежбата ќе се одржи во периодот од 19 до 27 април на неколку локации низ државата, меѓу кои и армискиот полигон Криволак, како и касарните „Јане Сандански“ во Штип, „Мирче Ацев“ во Прилеп и „Страшо Пинџур“ во Петровец.

Станува збор за тактичка теренска вежба со боеви гаѓања, во која единиците ќе дејствуваат во симулирано реално борбено опкружување, со употреба на спротивставени сили. Главната цел е да се провери и демонстрира нивото на борбената подготвеност на ЛПБГ согласно стандардите на НАТО.

Оценувањето ќе го спроведе национален тим сертифициран според НАТО процедурите, додека процесот ќе го следат и монитори од Алијансата, со што ќе се обезбеди валидност и транспарентност на целокупната евалуација.

Покрај борбената готовност, во рамки на „Блесок 26“ ќе се тестираат и клучни сегменти како системот за командување и контрола, координацијата меѓу единиците, како и логистичката одржливост при изведување операции. Особен акцент ќе биде ставен и на способноста за прием, распоредување и движење на НАТО сили низ територијата на државата.

Од Генералштабот на Армијата нагласуваат дека оваа вежба ќе има значајна улога во унапредувањето на оперативните капацитети на Армијата и во зајакнувањето на интероперабилноста со сојузничките сили.

„Блесок 26“ се очекува да придонесе за подигнување на ефикасноста, подготвеноста и професионалноста на македонските воени единици, потврдувајќи ја нивната подготвеност за учество во меѓународни мисии и операции.