Судскиот совет на Република Северна Македонија на денешната 540-та седница донесе одлука за склучување договори за спроведување психолошки тестови и тестови на интегритет при избор на судии, како и усвои извештај за основаност на барање за повторување постапка по пресуда на Европскиот суд за човекови права.

Пред усвојувањето на извештајот, членовите на Советот водеа расправа дали оваа точка од дневниот ред да биде отворена за јавноста или да се разгледува зад затворени врати.

Членот на Советот Антоанета Димовска побара расправата да биде јавна, посочувајќи дека „прашањето е многу сериозно и треба јавно да се дискутира, бидејќи одлуката на ЕСЧП е донесена, јавно е достапна и се знае на што се однесува“. – Мислам дека е добро јавноста да ги слушне нашите размислувања и во која насока се движат – рече Димовска.

На седницата беше посочено дека процедуралното разгледување на постапката нема да го наруши угледот на судијата и дека нема да се дискутира во јавност „ништо во врска со суштината на барањето и причините заради кои е поднесено барањето, туку само процедурално ќе се разгледува во која фаза е постапката и како да се продолжи по барањето за повторување на дисциплинска постапка за судија, по повод пресуда на ЕСЧП“.

На ваквиот предлог се спротиставија дел од членовите на Советот, повикувајќи се на тајноста на дисциплинските постапки. По расправата, Советот со осум гласа „за“ донесе одлука за исклучување на јавноста за оваа точка, по што зад затворени врати го усвои Извештајот на Комисијата со предлог за основаност на барањето за повторување на постапката.

Според донесената одлука, Советот ќе склучи договор со Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања – Скопје (ИСППИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и со друштвото „Виста груп“ ДООЕЛ Скопје. Овие субјекти ќе бидат задолжени за реализација на психолошкиот тест и тестот на интегритет во постапките за избор на судии и претседатели на судови, при што, како што беше истакнато на седницата, претседателот на Судскиот совет е задолжен официјално да ги потпише договорите.

Во однос на оваа точка од дневниот ред, членот на Судскиот совет Ивица Николовски посочи дека во државата постои проблем со немањето соодветна институција за спроведување на тестовите.

– Еден од условите за да се заврши постапката за избор или унапредување на судии треба да се спроведе психолошкиот тест. Во законот е определено кој го спроведува овој тест и на кој начин. Проблемот е што ние во Македонија немаме таква институција. Ова прашање досега на другите власти коишто учествуваат во носење на закони овој недостаток им е појаснет во повеќе наврати, но за жал сè уште немаме решение. Дали работната група го стави ова прашање на маса и дали ќе биде усогласено ова со условите со кои располагаме – рече Николовски.

На неговото излагање се надоврза членот на Советот, Антоанета Димовска, која појасни дека иако нема акредитирана институција, тестовите што се користат се меѓународно признаени.

– Ние немаме акредитирана институција, но имаме акредитирани тестови кои се користат. Сите беа известени, известена беше и Владата дека институцијата нема акредитација, којашто чини пари. Сѐ се трга од тоа. Со оглед на тоа што тестовите се меѓународно признаени – посочи Димовска.

На седницата, членовите на Советот разгледуваа и известување за утврдена фактичка состојба по поднесено барање за утврдување одговорност на судија, односно претседател на суд, по што одлучија да се запре постапката.

Дополнително, Советот формираше комисии на известители по други поднесени барања за утврдување одговорност на судии и претседатели на судови. Во рамки на дневниот ред, исто така, членовите го усвоија и записникот од 537-та седница, одржана на 18 и 19 февруари 2026 година.

МИА