По спроведената физибилити студија, денес започна процесот на одгасување на депонијата Вардариште.

Градоначаланикот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски истакнува дека мапирани се 22 точки, односно бунари за собирање на отпадните гасови кои со години се наталожуваа на ова место.

-Од сите бушотини ќе се земаат примероци кои ќе се испитуваат во сертифицирани лаборатории, со цел прецизно утврдување на количеството и составот на гасовите. Паралелно, се одвива и процесот за темелно површинско расчистување на депонијата. Она што со децении беше симбол на запоставеност и извор на ризици по здравјето и никој не успеа да го реши, ние го претвораме во можност и нов почеток, вели Ѓорѓиевски.

Тој нагласува дека на ова место ќе никне современ мега парк на површина од околу 300.000 метри квадратни, простор на живот, рекреација и чист воздух, новите бели дробови на Скопје.

-Ова ќе биде новото срце на градот, место каде семејствата ќе создаваат спомени, младите ќе спортуваат, а природата повторно ќе го врати својот изгубен сјај. Градиме иднина во која зеленилото не е луксуз, туку стандард, а здравата животна средина, приоритет. По завршувањето на целиот процес, ќе изградиме и мост кој ќе ги поврзува Гази Баба и Аеродром, значително намалувајќи го сообраќајниот метеж и создавајќи побрза и пофункционална градска поврзаност, додава скопскиот градоначалник.