Денешниот ден во Бугарија, во пресрет на парламентарните избори закажани за утре, е прогласен за Ден за размислување – период во кој политичките пораки мора да замолчат, а медиумите да се воздржат од влијание врз гласачите.

Во текот на овој ден, сите форми на изборна кампања се строго забранети. Политичките партии, кандидатите и нивните поддржувачи немаат право да спроведуваат агитација, да организираат јавни настани или да пласираат политички реклами. Истите правила важат и за медиумите, кои треба да се воздржат од содржини што можат директно или индиректно да влијаат врз изборот на гласачите.

Овој механизам, утврден со изборното законодавство, има за цел да обезбеди услови за слободно формирање на волјата на граѓаните – принцип кој е во сржта на демократскиот процес.

Но, Денот за размислување годинава се одвива во специфичен политички контекст.

Ден за размислување во сенка на осми избори за пет години

Во последните неколку години, од 2021., Бугарија се соочува со серија чести парламентарни избори, поради неможност да формира стабилна влада, што укажува на подлабока институционална нестабилност.

Во таков контекст, Денот за размислување ја губи својата класична функција. Наместо пауза пред „нова одлука“, тој станува дел од циклус во кој гласачите веќе имаат формирано ставови – често базирани на разочараност или политички замор.

И токму затоа, денешниот „молк“ можеби е помалку момент на размислување, а повеќе вовед во уште една фаза на неизвесност.

За дел од гласачите, Денот за размислување останува последна можност за рационална одлука. За други, пак, во контекст на повторливи избори, тој е само уште еден чекор во предвидлив политички процес.

„Често сум неодлучен до последен момент, па Денот на размислување ми помага да направам конечен избор без притисок“, вели студентот Симеон, кој влегуваше во читалната стационирана во паркот околу црквата „Света Недела“ во центарот на градот.

Пензионираната наставничка Гергана смета дека „овој ден – без кампањи, треба да се почитува, за луѓето сами да донесат одлука“.

„Јас секогаш гласам  и овој ден го користам да се потсетам кој навистина ги исполнува ветувањата, вели пензионерот Симеон, кој во градскиот парк играше шах со „колегите“, со кои разменуваа мислења за утрешните избори.

„Порано повеќе се веруваше во зборот на политичарите, сега мора добро да се размисли – затоа овој ден е важен“, додава чичко Радослав, кој седеше од другата страна на клупата.

Дигиталната кампања без пауза

Иако традиционалните медиуми го почитуваат законскиот молк, онлајн просторот продолжува да функционира со полн интензитет. Социјалните мрежи овозможуваат политичката комуникација да продолжи и во текот на денот кога формално е забранета.

Во пресрет на изборниот ден

Денот за размислување претставува вовед во изборниот чин – кратка пауза меѓу кампањата и одлуката. Како ќе биде искористена оваа „тишина пред изборите“ зависи од самите граѓани, но неговата суштина останува иста – можност секој гласач да одлучи слободно и совесно.

Изборниот ден што следи ќе покаже како граѓаните ја искористиле оваа можност за размислување и каква насока ќе изберат за иднината на земјата.

Пандорка АРСОВСКА ГАЦОВА за МИА