Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се соочи со остри критики откако ја спомена Турција заедно со Русија и Кина како извори на влијание од кои Европската Унија треба да се заштити.

Изјавата беше дадена на одбележувањето на 80-годишнината од германското издание „Ди цајт“ во Хамбург.

– Треба да успееме да го заокружиме европскиот континент, така што тој да не потпадне под руско, турско или кинеско влијание. Треба да размислуваме пошироко и геополитички – изјави Фон дер Лајен во контекст на проширувањето на ЕУ.

Таа додаде дека досегашниот европски модел – заснован на евтина енергија од Русија, евтина работна сила од Кина и безбедносни гаранции од САД – веќе му припаѓа на минатото.

– Мора целосно да се репозиционираме. Треба да станеме понезависни – рече таа.

Критичарите посочија дека Турција е кандидат за членство во ЕУ и членка на НАТО, како и клучен партнер за регионалната безбедност, миграцијата и енергетскиот транзит.

Аналитичарот Рикардо Гаско оцени дека изјавата е „политички индикативна“ и покажува дека делови од Европа сè уште тешко ја прифаќаат Анкара како стратешки партнер, иако соработката станува сè поважна.

Членката на Домот на лордовите во Велика Британија, Мерал Хусеин-Ече, го доведе во прашање ставањето на Турција во ист контекст со Кина, нагласувајќи дека станува збор за европска земја и сојузник во НАТО.

Политикологот Серен Селвин Коркмаз оцени дека ваквата формулација означува промена во реториката на Европската комисија – од „неопходен, иако проблематичен партнер“ кон земја што се претставува како надворешен фактор на влијание.

Економистот Тимоти Еш ја оцени изјавата како „целосно неразбирање“, истакнувајќи дека Европа не може да се брани без Турција. Тој додаде дека идната европска безбедносна архитектура без САД би зависела и од земји како Украина, Турција, Финска и Полска.

Аналитичарот Зија Мерал оцени дека изјавата укажува на подлабок проблем во односот на Европа кон Турција и го отвора прашањето дали Брисел практично ја прекинал перспективата за нејзино членство.

Турција е официјален кандидат за членство во ЕУ од 1999 година, но процесот е во застој поради загриженоста за демократијата, човековите права и владеењето на правото под власта на претседателот Реџеп Тајип Ердоган.

Во исто време, Европската Унија продолжува да ја смета Турција за клучен партнер во миграцијата, трговијата, енергетскиот транзит и регионалната безбедност, а нејзината геостратешка позиција меѓу Европа, Блискиот Исток и Кавказ ја прави централна во геополитичките пресметки на континентот.

МИА