– Собранието ќе ја одржи 98. седница, на чиј дневен ред се повеќе точки, меѓу кои и предлог-законските измени на Законот за Владата на Република Македонија, по скратена постапка, со кои се се создаваат услови за елиминирање на објективните причини поради кои беше воспоставен моделот на преодна, односно техничка влада.
Предложеното законско решение, со одложната примена, како што се вели во образложението од предлагачот – Владата, има цел да обезбеди стабилност, правна сигурност и заштита на јавниот интерес на граѓаните преку целосно и доследно заокружување на започнатите реформи.
– Заради потребата од рационално и одговорно користење на јавните финансии, зајакнување на институционалната стабилност и обезбедување целосен демократски легитимитет на Владата како носител на извршната власт избрана од Собранието, со овој предлог-закон се воспоставува јасна и применлива правна рамка, која ќе ги гарантира фер и транспарентните избори преку институциите основани со Уставот и законите и ќе ги елиминира привремените решенија воспоставени со политички договори во минатото – се вели во образложението на предлог-законот.
На дневен ред пред пратениците е и предлог-одлуката за испраќање припадници на АРМ за учество во меѓународната операција на Европската Унија, „Алтеа“, во Босна и Херцеговина.
Пред пратениците се и стратешкиот и финансискиот план на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2026 година и годишната програма за работа на комисијата за 2026 година.
На дневен ред е и предлог-одлуката за објавување јавен оглас за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Како 7. точка на дневен ред пред пратениците е и предлог-законот за изменување на Законот за граничната контрола, во второ читање, со кој, како што се вели во образложението „ќе се изврши подобрување на системот за гранична безбедност, подобрување на функционалноста на националниот систем за гранично управување и натамошно усогласување со Европската Унија и стандардите во рамките на процесот на исполнување на критериумите за придружување во Европската Унија (Поглавје 24)“.
Пратениците во рамките на 98. седница, како што е најавено, ќе ги разгледаат и предлог-законот за изменување на Законот за здравственото осигурување, во второ читање; предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минералните суровини, по скратена постапка; предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за концесиите и јавно-приватното партнерство, по скратена постапка; предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија, по скратена постапка; предлог-законот за изменување на Законот за внатрешната пловидба, по скратена постапка; предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадената вредност, по скратена постапка; и предлог-законот за изменување на Законот за придонесите од задолжителното социјално осигурување, по скратена постапка. аа/са/
Фото: архива




