Укинувањето на Пржинска влада води кон изборен фалсификат, предупреди претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервју во емисијата „Трилинг“.

Филипче посочи дека укинувањето на Пржинската влада е сериозен ризик за демократскиот процес, и укажа дека владата на премиерот Мицкоски нема капацитет да организира фер избори, поради силна партизација на институциите. Тој додаде дека институциите се целосно ставени под партиска контрола, што го доведува во прашање целиот изборен процес, стои во соопштението од СДСМ, што МИА го пренесува интегрално.

„Како имаме ние капацитет сами да се справуваме, кога имаме власт којашто узурпира институции, го партизира судството, целосно ја партизира полицијата. Има нов Закон за полиција, којшто сега кога ќе се усвои, со новата систематизација, ќе се укине кариерниот напредок. Знаете што ќе се случи? Партиски луѓе од улица ќе бидат ставени на раководни функции. Дополнително скратени се парите кои што ги добиваат полицајците. Премиерот има чувства и дава насоки од Собраниска говорница на судии и обвинители, не знаеме кој и како ги чува податоците од системот Сејф сити“, рече Филипче.

Тој дополнително укажа на влијанието врз медиумите и ширењето на пропаганда, што дополнително ја влошува демократската атмосфера.

„Орбанови медиуми, 40% од медиумите кај нас, кои што шират лажни вести, пропаганда и така натаму, и антиевропски наратив. Па оваа власт нема капацитет да спроведе демократски избори. Укажавме на ОБСЕ, на нашите извештаи за локалните избори 2025 година, делеа пари пред очи на полиција, на гласачки места активисти на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Филипче.

Во интервјуто Филипче потенцираше дека укинувањето на техничката влада има јасна цел, а тоа е целосна контрола врз изборниот процес.

„Вистинското прашање, е зошто ова власт инсистира да се укине Пржинската влада? Тоа е вистинското прашање.Зошто ако тоа е гарант за фер и демократски избори? Зошто им сметат опозициски претставници во власта за време на спроведувањето на изборите? Тоа е вистинското прашање. А одговорот однапред го знаеме. Затоа што сакаат да направат изборен фалсификат. Тоа сакаат да направат. Целосна контрола на системот“, рече Филипче.

СДСМ
Центар за комуникации со јавноста