Министерот Панче Тошковски јавно изјави дека полицијата поседува софтвер кој овозможува пристап до камерите и микрофоните на телефоните на сите граѓани на Македонија. Тој систем се вика Pegasus. Pegasus е шпионски софтвер (spyware) кој го разви израелската компанија NSO Group. Може да се инсталира далечински, без кликање на телефонот, да пристапи до сите пораки, фотографии, локација, камера, микрофон, контакти и апликации. Се користи за таен и тотален надзор, се вели во соопштението на СДСМ од денешната прес-конференција на Петар Огњеновиќ, член на Извршниот одбор на СДСМ што МИА го пренесува интегрално.

NSO Group го продава на влади под изговор на борба против тероризам и криминал, но масовно се злоупотребува против новинари, активисти, опозиција и критичари на властите низ целиот свет.

После Black Cube, приватниот Мосад, за тајно снимање, следење и фабрикување афери Мицкоски и ВМРО-OKG одат чекор понатаму: воведуваат државен шпионски софтвер против сопствените граѓани.

Големиот пријател на Мицкоски од сестринската партија СНС – Александар Вучиќ и неговиот режим купиле Pegasus и слични израелски алатки.

За тоа опширно пишувале: Amnesty International, BIRN (Balkan Investigative Reporting Network), Citizen Lab, Access Now, Share Foundation, Haaretz, The Guardian, Washington Post и други.

Во Србија Pegasus бил користен против новинари, активисти и критичари на власта.

Мицкоски сега го копира тој авторитарен модел.

После Орбановите медиуми, после „Black Cube“, сега доаѓа Pegasus, тотална контрола над граѓаните, а пред сè над СДСМ и претседателот Венко Филипче.

Ова е борба на Мицкоски против слободата на мислење, слободата на говор и против секој кој не се согласува со нивната власт.

Ваквата практика е директно кршење на Уставот, Европската конвенција за човекови права и европските стандарди.

Европската унија повеќе пати остро го критикуваше злоупотребата на ваков софтвер во авторитарни режими.

ВМРО-OKG и МВР наместо да ги штитат граѓаните – ги шпионираат.

Тие ја водат државата како криминална организација, а граѓаните ги третираат како непријатели.

Јавно бараме:

* Веднаш да се обелодени кој го купил Pegasus, колку чини и против кого се користи

* Независна истрага за злоупотребата на софтверот од страна на МВР

* Оставка од Панче Тошковски

Демократијата не е компатибилна со Pegasus.

Нема да дозволиме Мицкоски, Тошковски и криминалната организација ВМРО да ја претворат Македонија во криминална држава.

Граѓаните на Македонија заслужуваат слобода, а не шпионирање 24 часа на ден.

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ

Фото: СДСМ