Зголемувањето на цените на горивата претставува нов удар врз животниот стандард на граѓаните, изјави денеска на прес-конференција претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој рече дека доколку Владата ги прифатела нивите предлози ќе се спречел толкав раст на цените, а стандардот на граѓаните ќе бил заштитен.
-Од денеска повторно поскапеа горивата, иако премиерот ветуваше дека тоа нема да се случи. И тоа значи уште еден нов удар врз стандардот и ново покачување на цените. Премиерот и неговата Влада се уште одбиваат да ги прифатат нашите предлог мерки да се укине ДДВ-то на храната, со што храната која што значајно поскапе може да поевтини. Да се намали ДДВ-то на горивата дополнително на 5 отсто, тие тоа не го направија, напротив. И одбиваат да ги преполоват цените на патарините со што значајно ќе им се олесни животот, функционирањето, патувањето на граѓаните. Премиерот одбива да воведе какви било мерки за која било категорија на граѓани: ранливи категории, пензионери, студенти, земјоделци. Истовремено одбива да ја зголеми минималната плата. Синдикалната кошничка значајно поскапе. Изминатиот период за април е скоро 69 илјади денари. За четири месеци е зголемена за 3.300 денари. Сè е поскапено, буквално сè, а граѓаните се сè посиромашни, рече Филипче.

Тој нагласи дека Европа отворено најавува економска криза и доколку се прифателе мерките, кои што ги предлагале, додаде, сега немало да има толкав раст на цените на сите продукти, а стандардот на граѓаните ќе бил заштитен.
Филипче рече дека економската состојба во државата се влошува, расте сиромаштијата и се намалуваат работните места, а инфлацијата расте.
-Според последните индикатори на Државниот завод за статистика, стапката на сиромаштија во првата година од владата на ВМРО е 21,9 проценти. Толкав е процентот на граѓани кои живеат под прагот на сиромаштијата, значи секој петти граѓанин во државата. Кај многучлените семејства состојбата е уште поалармантна, дури 54,8 отсто од овие семејства живеат во сиромаштија, а 45,8 отсто од самохраните родители се сиромашни. Кај децата и младите до 17 години, стапката на сиромаштија е 29,5 отсто. Инфлацијата забрзува, во март 2026 е 4,9 проценти, што е значајно повисоко од еврозоната каде што е 3 проценти во април 26-та година. Буџетот е во сериозна криза, дефицитот веќе достигна 408 милиони евра. За само три месеци се реализирани дури 63 отсто од вкупно планираниот дефицит за цела година. Приходната страна едвај има нешто околу 20 отсто од реализација. И оваа буџетска дупка значи само едно, а тоа се нови задолжувања, изјави Филипче.
Во однос на јавниот долг тој истакна дека на крајот на март тој изнесувал 10,7 милијарди евра, при што оцени дека „премиерот го зголемил долгот за 26 проценти за само две години владеење“.
Според Филипче министерката за финансии, која предвидува крах на европските економии, „треба да му соопшти на својот шеф дека банкротот тропа на нашата врата“.
Тој рече и дека јавно го повикале Обвинителстото да отвори предмет по допрен глас во врска со кредитот од Унгарија.

-Има многу нелогичности. Прво, зошто се зема кредит за да се субвенционираат компании кои што очигледно дел од нив веќе имаат субвенции, а од друга страна граѓаните плаќаат камата за тоа. Зошто компаниите не земаат директно кредити? Понатаму, каде се провизиите за тој кредит? Кој ги земал тие провизии? Се зборува за огромни суми на пари, десетици милиони евра провизија. Многу нелогичности околу тој кредит кои што ќе ги покаже времето, изјави Филипче одговарајќи на новинарско прашање дали поднеле документи до Обвинителството.
Тој додаде дека традиционално никогаш не сме имале односи со Унгарија, туку врската била „тоа што Орбан го чуваше Никола Груевски“.
-Тоа е врската со Унгарија. Меѓутоа сега кога гледаме дека таму има промена на власта и кога гледаме дека таму доаѓаат нови луѓе кои што отворено зборуваат за криминалите на претходната влада. Еве сега се поставува следното прашање. Што ќе се случи со телекомот на… близок човек на Виктор Орбан кај нас ќе продолжи ли да функционира односно ќе продолжи ли да се етаблира тука? Што ќе се случи со стратешките проекти на фирми блиски до Виктор Орбан кои што гледаме дека сега еден дел од нив бегаат од Унгарија, а се влезени во нашата енергетска стратегија? Укажувавме и на ова. Што ќе се случи ако излезат некакви детали кои што се сомнение за коруптивни дејства со кредитот? Милијарда и повеќе евра сосе камата треба да враќаат граѓаните. Во што не стави во каква заложништво не стави Христијан Мицкоски со тоа?, рече Филипче.
Фото: Принтскрин




