Во рамки на вториот ден од работната посета на Вилнус, Република Литванија, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, оствари билатерална средба со заменик-министерот за национална одбрана на Република Литванија, Томас Годлиаускас.
На средбата се разговараше за зајакнување на соработката во областа на сајбер-безбедноста, размена на искуства и градење поотпорни институционални капацитети за справување со современите дигитални закани.
Министерот Андоновски истакна дека сајбер-безбедноста е еден од клучните предуслови за успешна дигитална трансформација, доверба во дигиталните услуги и заштита на институциите и граѓаните.
„Градењето отпорност во сајбер-просторот е прашање на соработка и координација. Денешните дигитални закани не познаваат граници, затоа одговорот мора да биде заеднички, организиран и заснован на доверба меѓу институциите и партнерите. За Македонија е особено важно да учи од земји како Литванија, кои успешно ги поврзуваат одбранбените, цивилните и технолошките капацитети во единствен систем на заштита“, истакна Андоновски.
Во рамки на средбата беше одржана и презентација од Националниот центар за сајбер-безбедност на Литванија, со фокус на литванскиот модел за координација, превенција и одговор на сајбер-инциденти.
Литванија е партнерска земја со сериозно искуство во областа на националната сајбер-отпорност и дигиталната безбедност. На средбата беше нагласено дека соработката меѓу двете земји е значајна не само во рамки на НАТО-сојузништвото, туку и како партнерство засновано на пријателство, доверба и заеднички вредности.
Заменик-министерот Годлиаускас истакна дека Литванија не ја гледа Македонија само како НАТО-сојузник, туку и како пријателска земја со која постои простор за продлабочување на соработката во областите од заеднички интерес.
Средбата претставува важен чекор во продлабочувањето на соработката во областа на сајбер-безбедноста помеѓу двете држави.




