Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска ги посетил полициските службеници кои посетуваат обука спроведена од Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи и УНФПА, во рамки на проектот „Превенција и заштита од родово базирано насилство – Фаза 3“, поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Како што информираат од МВР, станува збор за еден од осумте циклуси на обуки за „Почетна едукација на професионалците за родово базирано насилство врз жените и семејното насилство и мулти-секторски одговор“, низ кои ќе поминат вкупно 200 полициски службеници од сите осум Сектори за внатрешни работи, односно водичи на безбедносен реон, сменоводители и инспектори надлежни за постапување по пријави за родово базирано и семејно насилство.

Обуките, како што посочуваат од МВР, се насочени кон јакнење на капацитетите и компетенциите на полициските службеници за навремено, професионално и сензитивно постапување во случаи на родово базирано и семејно насилство, со посебен акцент на заштитата и поддршката на жртвите.

-Секој полициски службеник кој постапува по вакви случаи мора да биде подготвен професионално, одговорно и со емпатија да обезбеди заштита и поддршка за жртвите. Нашата цел е жртвата секогаш да биде во центарот на институционалниот одговор – истакнал Тошковски.

Министерот упатил благодарност до УНФПА и Британската амбасада во Скопје за континуираната поддршка во јакнењето на институционалните капацитети и унапредувањето на полицискиот одговор во справувањето со родово базираното и семејното насилство.