Оперскиот пејач Ристе Велков и неговиот син Адам се меѓу загинатите во стравичната сообраќајна несреќа што ноќеска се случи на скопската обиколница. Според неофицијалните информации, Ристе го управувал возилото. Адам пак е втора година на ФИНКИ. Со нив биле уште две лица, од кои едното лице е 20-годишниот П.М. .

Според неофицијалните информации, истражните органи веќе утврдиле дека камионот удрил директно во нив, без кочење, по возилото „БМВ“ се запалило, а камионот излетал од патот.

Трагедијата се случи помеѓу надвозникот Визбегово и клучката Мирковци, кога товарно возило со косовски регистарски таблички ја пробило заштитната ограда, преминало во спротивната лента и директно се судрило со патничко возило „БМВ“.

По ударот избувнал силен пожар, а автомобилот целосно изгорел. Во несреќата загинаа четири лица.

Според официјалните информации од МВР, животот го загубиле возачот Р.В. (51), двајца 20-годишни сопатници и уште едно лице чиј идентитет првично не беше утврден. Подоцна беше потврдено дека меѓу жртвите се и оперскиот уметник Ристе Велков и неговиот син Адам.

Возачот на камионот, 76-годишен државјанин на Косово, е приведен, а истрагата за причините за несреќата е во тек.