Поради енормната загаденост продолжен зимски распуст за сите ученици во Македонија за два дена, а воведен е бесплатен јавен превоз за граѓаните во Скопје и уште неколку други итни мерки и препораки донесоа Владата и Град Скопје откако викендов Скопје неславно се најде прв на листата по аерозагадување во светот, а енормно количество на ПМ10 честички регистрираа и мерните станици во Битола, Тетово и Струмица.
Во 1 часот по полноќ во саботата индексот на загадување во Скопје бил 430 според мерењата на Специјализираната интернет-страница за следење на воздухот „Ер вижуал“. По него биле градови од Индија, Пакистан и Бангладеш, а на петтото место – Приштина.
Владата и Град Скопје ги активираа мерките и препораките кои законски важат и стапуваат во сила кога два дена по ред е надминат прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри т.е. надминување на вредноста од 188 микрограми на кубен метар.
Ако нема нова одлука, второто полугодие од учебната 2018/2019 ќе почне в среда. На работодавците, пак, им се препорачува да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. За лицата кои работат на отворено, работното време треба да биде од 11 до 17 часот.
Град Скопје апелираше да се користи јавниот превоз за што донесе одлука тој да биде бесплатен во главниот град додека трае енормното загадување. Од вчера и цените на паркирањето на паркиралиштата на Градски паркинг се двојно зголемени, а донесена е и одлука за прекинување и градежните активности на градилиштата под наглежност на Град Скопје.
Државните институции и јавните претпријатија треба да ја намалат до 50 проценти употребата на службени возила. Државниот инспекторат за животна средина е задолжен да спроведува контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух, со препорака инсталациите со А – ИСКЗ дозвола да го намалат капацитетот на производство до 50 прценти. Оваа мерка нема да важи за инсталациите кои произведуваат топлинска или електрична енергија.
Од Министерството за внатрешни работи, пак, Град Скопје побара зачестено да ги контролира издувните гасови на возилата и да спроведе засилени контроли на правните субјекти кои поседуваат одобренија за доставување стоки издадени од Градот Скопје. Од МВР се бара и да ги зајакне контролите на почитување на забраната за движење на тешки товарни возила чија крајна дестинација не е Скопје и кои ќе се упатуваат да ја користат скопската обиколница.