Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во изминатите шест квартали овозможи раст на економијата од над 3 отсто, а паралелно платите растат со динамика близу 10 отсто, расте бројот на нововработени лица, невработеноста е на историски најниско ниво, наведува ВМРО-ДПМНЕ во реакција на прес-конференцијата на Фатмир Битиќи од СДСМ.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го решава предизвикот со кој се соочивме, а тоа е истовремено да го финансира развојот на економијата и да ги сервисира старите долгови создадени токму во време на СДС, се наведува во соопштението на партијата, кое МИА го пренесува интегрално.

Минатата година беше отплатена еврообврзница од 500 милиони евра. Оваа година за отплата е еврообврзница од 700 милиони евра, исто така земена од владите на СДС. Половина од оваа обврска веќе е сервисирана, а остатокот ќе биде сервисиран во текот на јуни 2026 година. Од 2026 до 2031 година државата има обврска да сервисира околу 9 милијарди евра по основ на главнина и камати од стари долгови. Само од втората половина на 2024 година до првиот квартал од 2026 година беа обезбедени 1,2 милијарди евра исклучиво за сервисирање на еврообврзници земени од претходната власт.

Капиталните инвестиции се реализираат на историски високо ниво, за разлика од порано кога СДС беше на власт и се плаќаа аванси и анекси, а на терен ситуацијата беше статус кво.

Поради лошото менаџирање на државата од страна на СДС, денес враќаме 50 милиони евра на 156 компании за мерката солидарен данок.

Пред да „држи’’ лекции Фатмир Битиќи следен пат за економија, да го потсетиме него и граѓаните дека СДС од 2017 година до 2024 година втор квартал, ја задолжи државата, односно го зголеми јавниот долг двојно во висина од 4,78 милијарди евра, притоа имајќи економски просечен раст од 1,8 отсто, а истовремено платите растеа за 5 отсто, додека инфлацијата беше 14 проценти.

Разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДС во делот на економијата е јасна. Граѓаните на изборите ги казнија лошите економски политики на СДС кои ги осиромашија граѓаните и живееја со 150 денари на ден.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Фото: архива