ВМРО-ДПМНЕ обвини дека политичкото влијание на СДСМ во синдикалните структури на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) станува сѐ поочигледно, посочувајќи го како последен пример организирањето на четиридневни спортски игри во Чањ, Црна Гора.

Според партијата, зад организацијата на настанот стои членот на Претседателството на ССМ и претседател на УПОЗ, Трпе Деаноски, а за реализација на спортските игри биле потрошени околу 60.000 евра.

Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека добиле реакции од разочарани членови кои сметаат дека при изборот на учесници предност имале лица блиски до СДСМ. Според нив, наместо еднакви можности за сите членови, привилегиите биле резервирани за однапред избрани луѓе.

„Дали ваквите скапи патувања се приоритет на раководството на ССМ?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека синдикалното раководство се оддалечува од реалните проблеми на работниците и функционира по политички и партиски линии.

Партијата наведува дека синдикатите треба да ги застапуваат интересите на сите работници, а не да бидат место каде што привилегиите и бенефитите зависат од политичка блискост.

Во соопштението се додава и дека ССМ континуирано губи членови, а дел од раководството, според ВМРО-ДПМНЕ, го претвора синдикатот во „политичка каста блиска до СДСМ“.